Државата во средата го започна процесот на издавање еврообврзница, потврди премиерот Оливер Спасовски, но не откри за колкава сума станува збор, а процесот треба да  биде заокружен на 3-ти јуни.

Според се уште непотврдени информации 6-годишната еврообврзница се издава со максимална камата од 4,5 отсто, а процесот го водат „Сити груп“, „Ерсте груп“, „Дојче Банк“ и „ЈП Морган“.

Од Владата претходно најавија дека земјата ќе позајми најмногу 800 милиони евра. Техничкиот премиер Спасовски е уверен дека и покрај недостигот од „свежи пари“, интересот кај инвеститорите ќе биде голем. Со парите треба да се покрие буџетскиот дефицит и државата полесно да се справи со корона кризата.

Владата сѐ уште не ги донесе ниту уредбите со кои треба да се уреди помошта која граѓаните и фирмите треба да ја добијат преку третиот пакет мерки. Од Владата велат дека Уредбата за платежните картички треба да се донесе денеска или утре, а за ваучерите до истекот на вонредната состојба.

Странските инвеститори побараа Владата да ги прошири мерките и да им помогне бидејќи малку фирми искористиле помош од државата. Алармираат дека цела автомобилска индустрија е погодена и дека едвај ги исполнуваат обврските и кон клиентите и кон вработените. Од Владата велат дека ќе ги разгледаат барањата за целосни грантови, субвенции за плати, 6 месечен мораториум за обврските кои произлегуваат од договорите за државна помош, како и за усогласување на царинските стапки.