На вчерашната 61.седница на Владата на РМ, на предлог на Министерството за економија, беше усвоен предлог законот за енергетика.

Носењето на овој закон има првенствено економско влијание, бидејќи означува крај на монополот и давање на правото на избор на потрошувачите, што значи малите и средните претпријатија, како и домаќинствата ќе имаат право на избор на снабдувач со електрична енергија и природен гас. Покрај ова, со предложеното решение ќе се зголеми конкурентноста при доделување на feed in премиуми во транспарентна постапка која ќе вклучува аукција, со што ќе се придонесе за поттикнување на инвестициите во енергетскиот сектор преку стабилна законска рамка.

Донесувањето на овој закон ќе има и социјални влијанија, бидејќи се предлага да се донесе годишна Програма за намалување на енергетската сиромаштија, со оглед на тоа што постоечките решенија кои што предвидуваат заштита на социјално загрозените семејства не вклучуваат одредени категории на потрошувачи кои имаат потреба од доделување на помош за задоволување на енергетските потреби (стечајни работници, пензионери со ниски примарања и др.). Овој план ќе вклучува мерки што треба да се преземат за намалување на енергетската сиромаштија, вклучувајќи субвенции за потрошувачка на енергија наменети за одделни ранливи категории домаќинствата.

Подеднакво важни се и влијанијата врз животната средина, кои ова законско решение ги има.  Имено, при изградбата на новите објекти за производство на енергија и преносни и дистрибутивни системи за енергија, со законот се бара да биде исполнети условите од аспект на заштита на животната средина и климатските промени согласно посебните закони. Посебен акцент на овие прашања ќе се стави при донесување на Стратегијта за развој на енергетиката и последователно Програмата за нејзино спроведување, која ќе вклучува мерки и активности за намалување на влијанието на  термоелектраните на климатските промени и подобрување на заштитата на животната средина.

Со цел за намалување на негативните ефекти по животната средина од т.н. конвенционални електрани, законот содржи посебна глава која се однесува на прашањата поврзани со користењето на обновливите извори на енергија, при што се уредува донесување на Акционен план за обновливи извори на енергија и изготвување на Извештај за реализација на планот на секои две години. Воедно, со цел за масовно користење на обновливите извори на енергија, а од аспект на заштита на животната средина се предвидува можност за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија наменето за сопствена потрошувачка, при што вишокот на произведената енергија се предава во електродистрибутивна мрежа под услови и на начин определени во согласност со овој закон.

И, конечно, од административен аспект, со овој закон се создава ефективна законска рамка за соработка, меѓусебно известување и координација на активностите на надлежните органи на РМ со соодветните институции на Енергетската заедница, меѓудругото и за обезбедување сигурност во снабдувањето. Се воведува Комисија за селекција на кандидатите кои се пријавиле на огласот за избор на член на Регулаторна комисија за енергетика, како и можност за РКЕ да врши надзор, а воедно се зајакнува обврската по однос на доставување на годишен извештај за работа, при што е определено надлежен суд да одлучува по жалбите против одлуките на РКЕ.