Европската комисија се очекува службено да ја објави содржината на истрагата околу неисполнувањето на обврската од страна на словенската влада да ја продаде Нова Љубљанска Банка (НЛБ).

Согласно анализата на РТВ Словенија, владата на оваа земја ќе мора да продаде 75% од банката до крајот на годината, во спротивно ќе биде принудена на мерки кои дополнително ќе ја намалат вредноста на банката која е на продажба.

Неофицијално, Словенија нуди како компензација, целосно повлекување на државни претставници од Надзорниот одбор и уште поголемо ограничување во кредитирањето и рекламирањето на НЛБ. Дополнително се шпекулира со продажба на осигурителното друштво НЛБ Вита и затварање на 20 експозитури.

Преговорите сеуште се во тек, кога станува збор за рокот на продажба и потенцијалните компензациски мерки, велат од Министерството за финансии. Од таму потврдуваат дека во најкраток рок го очекуваат одговорот на Европската комисија за точниот датум на продажба на НЛБ.

Од банката коментираат дека со цел подеднакво информирање на акционерите, нема да ја коментираат ситуацијата се до официјалното обелоденување на резултатите од работењето.