Државата, која досега директно од буџетот ги исплаќаше обврските кон американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за автопатите од Коридор 8 и Коридор 10Д, сега ќе ги финансира со кредит од четири македонски банки. Одлуката била донесена на седница на Владата на 2 јуни.

Кредитот ќе изнесува 140 милиони евра, со рок на користење 30 месеци, грејс период од три години и отплата во следните 12 години. Министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска е овластена да ја потпише државната гаранција, која го покрива главниот долг, каматата и провизијата во случај Јавното претпријатие за државни патишта да не ги исполни обврските кон банките.