За Власите оваа одлука на Градот е навредувачка и неприфатлива велејќи дека тоа е исто како во Ерусалим да именуваат улица по Адолф Хитлер

Демократскиот сојуз на Власите бара Град Скопје под итно да го тргне името на Али Паша Јанински од листата на имиња за улици, бидејќи тој се смета за разбојник кој направил геноцид врз влашката популација во почетокот на 19. век. Али Паша е одговорен за уништување на Москополе и Грамос, двата наголеми влашки центри со развиена култура, академија, високи школи и трговија, што и било причина за масовното иселување на Власите низ цела Европа. За Власите оваа одлука на Градот е навредувачка и неприфатлива, и велеат дека тоа е исто како во Ерусалим да именуваат улица по Адолф Хитлер.

„Власите од Република Северна Македонија се зачудени и навредени од одлуката на листата на имињата на улиците да се најде сатрапот Али Паша Јанински. Освен што бил познат џелат, тој немал никаква друга историска заслуга за да се најде на оваа листа. Разбојник  и одметник од Големата Порта, палел, убивал и пљачкал од убавите и богати влашки села. Затоа реагираме веднаш да биде тргнат од оваа листа“, се вели со соопштението од Демократски сојуз на Власите.

Али Паша (1741-1822) е феудалец од албанско потекло, паша на Јанина, кој се одметнал од централната отоманска власт и бил независен владетел на Албанија, Епир и Мореја, а потоа ја проширил својата власт и во Македонија, Тесалија и Грција. Поради суровоста во управувањето, влегол во народната традиција како беспримерен зулумќар.

Од Град Скопје велат името на Али Паша Јанински било доставено како предлог на јавната анкета, без притоа да бидат наведени податоците во однос на влашкото население, а Комисијата која одлучувала го одобрила предлогот и тој момент не го забележала.

Во Комисијата за именување на улици, плоштади, мостови членуваат само советници од Советот на Град Скопје од сите политчки партии, но не и историчари или професори. Претседател на Комисијата е советникот од СДСМ Бојан Ивановиќ, а членови се советничките од СДСМ Соња Глинџарска и Михаела Иванова, советниците од ВМРО-ДПМНЕ Владо Поповски и Луке Галески, советничката од ДУИ Халиде Палоши и советникот од БЕСА Ибуш Јусуфи.

Од таму велат дека во моментов не можат да одговорат дали името ќе биде тргното од листата. Тоа ќе се одлучи до одржувањето на седницата на Советот на Град Скопје наредната недела. Дотогаш, овие имиња не се официјални туку се само предлог.

Во понеделникот, Град Скопје ја објави листата на 571 име според кое во иднина би се именувале улици, плоштади, мостови и паркови. Од Градот објаснуваат дека листата не значи дека веднаш ќе бидат сменети 571 улица, туку во иднина од неа би се одбирале имињата.