Во некои претходни натписи напоменав дека циркузите во Министерството за финансии ќе продолжат. После забавата која ни ја приредија старлетата секретарка и „независните експерти“ членови на тимот, со полна брзина се движиме кон нови возбудувања. Наследничката на „чоколадниот лудак“ и на министерот „ две минути говорни блокади“, само што влезе во оваа casa pazza ( луда куќа ), го стави скутникот, ја зеде метлата и се фати за работа. Додуша работата беше површинска и се сведе на чистење прашинки од површината, отколку темелна генерална, па кога се распафта со метлата расчисти доста површински и небитни глупости. Со тек на време се одомаќини во куќата и стекна статус на „џомба“ или домаќинка… Не се темели тој статус на некои извонредни квалитети или мерки, едноставно стои тука бидејќи владеачката партија нема никаков економски кадар, па и вакви плагијатори можат да станат џомби во најважното министерство. Но ето, избори доаѓаат и мора да се донесе и снајка…Но најпрво да видиме што „замети“ свекрвава и кои темелни мерки ги превзеде:

  1. Еден жален обид за некаква си дигитализација на економијата со исфрлање на сметкопотврдата… Потег сосема небитен, за уште понебитно парче хартија, кое во нашиот мизерен обид за „дигитализација“ неоправдано зазеде премногу медиумски простор и крена многу прашина…
  2. Едно сулудо враќање на даноците назад на рамната подлога. Што во суштина е сосема спротивно од она за што се залага секоја левичарска влада… Е кај нас, и тоа го може… левичариве да враќаат десничарски даноци и парадигми…
  3. Организира некаква си игра, која може да му го зголеми стандардот на отепаниот Македонец за 10 еур месечно… реформа будуќности…
  4. Се изрекламира и се себепромовира каде стигна, а зенитот во промоцијата не го достигна во финансиите туку во феминизмот…

И тоа би било горе долу се што се сработи таму овој период. Но како и да е, госпојцава се одомаќини таму и стекна статус на свекрва со тек на време.

Арно ама, во casa pazza по барање на бардовите на македонската глупост и безидејност, политичарите и сулудите договори за некакви си технички влади, мора да дојде и снаа…

Снашкава тежок анонимус, ја знае тук-таму по некој… никој…. Меткала, плеткала лево десно и на крај како секоја армасана невеста се вдупила во штабот… Таму пак добро ја индоктринирале, за што истите се мајстори, па и рекле: Слушај ќерко… ко ќе влезиш во новата куќа, одма да ја „развеселиш“ куќата… одма да се караш со свекрвата, за да се знае кој е маж во куќата… Аку добро ја развеселиш куќата, ќе добиеме повеќе поени кај робовите, та можат да ни ја препишат куќата и после таму ти ќе си свекрва…

Дојде снашката, и од одма се искара со свекрвата… Еднава сакала пипер во манџата, ама свекрвава не оставала.. Прекинаа и да комуницираат една со друга заради манџиве… Не прекинаа целосно да комуницираат.. сега комуницираат преку соопштенија преку медиумите и ни прават забава… За леб треба сами да си најдеме, ама за игри тие ќе ни организираат…

Та снашкава се осоколи и го прочита цел декрет составен во ќенефот за индокринација, па ја прашува на свекрвава, и тоа се дере од кај Таскино чешмиче: Добро мори свекрво, мори змијо, зошто лажиш дека има во буџетот пари а се зајмуваш? А пак свекрвава вергла од Балабаниво чешмиче: Мори чумо, мори несреќо… мора да враќаме кредити… А јас би ја советувал снаава да праша најдобро кај чоколадниот лудак кои кредити треба да се враќаат? Нормално, оние за чоколадите што ги јадевте снао… сега не се враќаат така лесно тие пари… инаку замина и кусурот од чоколадите во Будимпешта… таму да си прашаш…

Па потоа вика пак снаава од Таскино чешмиче: Мори чумо ! Што се задолжувате по скапи камати кога ЕУРИБОРОТ е нула? ( ова е најјак дел од невестава бидејќи покажува елементарно непознавање на темата ) зошто праите дупли арчој? А на ова одговара свекрвата : Ќути мори караконџуло! Битно платите, пензиите и другите додатоци за џаболебарење се сигурни… што разбираш мури ти?….

И така, викотнициве не престануваат помеѓу Таскино и Балабаниво чешмиче… Си прават ПР… Си се ракламираат за избори…. се берат поени… а финансиите? Кои треба заедно да ги водат? Кој ги шиша, избори се ближат ееејјјј… секој глас е важен, не секој денар… после избори ќе му ја мислиме.. абе нема шо да му ја мислиме… ќе се задолжиме повторно… евтин е еуриборон сега….

Јас, еве, не знам и немам чуено во светов да постои министерство за финансии во кое министерот и заменикот не комуницираат директно, туку нивните селски екселенции преферираат преку медиуми да се „договараат“…

Абре снао, абре свекрво… Абре престанете да не брукате и да се брукате… Вгнетете се во тие уќуматите таму… бар да не ви ги гледаме бруките и срамојте… како не гледате како ја брукате и земја и министерство и народ и вас самите… прекинете да се карате ко снаа и свекрва на селска чешма… барем глумете дека сте госпоѓи.. морате ради позициите што ви ги тупосале.. инаку и ние и вие, добро знаеме кој сте и што сте…

 

Наум Димитровски