Лани со платежни картички се регистрирани вкупно 173 кривични дела, велат од МВР. Од нив, 138 се „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, а се регистрирани и 35 дела „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

На социјалните мрежи повремено може да се сретнат реакции од граѓаните што споделуваат вести дека од сметката им се одземени пари. Банките на оваа тема многу не сакаат да зборуваат, но од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ потврдуваат дека и кај нив има вакви пријави и дека лани на разни начини од трансакциските сметки на граѓаните се украдени повеќе од 230.000 евра.
Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber

– Во 2022 година во областа на компјутерскиот криминал, во делот на криминалот со платежни картички се регистрирани вкупно 173 кривични дела, со чие извршување е предизвикана материјална штета над 14,2 милиони денари – велат од МВР.

Оттаму објаснуваат дека според видот, 138 од кривичните дела се „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, а се регистрирани и 35 дела „изработка и употреба на лажна платежна картичка“.

– Овој вид инкриминации најчесто се извршени со неовластено одземање претходно пронајдени, како и кражба на платежни картички, неовластено прибавување податоци од трансакциски сметки и платежни картички, по што сторителите подигнувале парични средства од банкомати, плаќале фактури, плаќале во трговска мрежа, плаќале за стоки и услуги преку интернет на различни продажни места, а се регистрирани и случаи на навлегување и повлекување средства од виртуелен паричник на платформа за тргување со криптовалути – објаснуваат од МВР.

И од Народната банка потврдуваат дека до нив стигнуваат реакции од оштетени граѓани. Лани до нив стигнале 6 поплаки за злоупотреба и неовластено користење платежни картички, а годинава заклучно со 13 февруари има две поплаки.

– До Народната банка пристигнуваат поплаки од физички лица, вклучително и за „напад“ на нивните сметки, првенствено преку платежните картички. За таа цел во координација со деловните банки се согледуваат причините за нивното настанување. Исто така, во таа насока како приоритетна цел потребно е поголемо финансиско едуцирање на граѓаните и особено внимание при купување на интернет, посебно во доменот на оставање лични податоци и податоци поврзани со платежните сметки – изјавија од Народната банка.

Што се прави во случај на измама?

Од Народната банка објаснија и што се прави во случај на измама на трансакциска сметка.

– Граѓаните во случај на измами поврзани со платежните сметки треба веднаш да реагираат до деловната банка, со цел да се блокира соодветниот банкарски производ – најчесто платежната картичка поврзана со настаната измама. Откако ќе се пријави случајот до деловната банка, следува процес на оспорување на трансакциите. Така, на пример, „Виза“ и „Мастер“ имаат постојна процедура за оспорување трансакции преку официјалната платформа. Самата постапка за оспорување на трансакциите може да трае и до 90 дена. По завршување на постапката, клиентот соодветно се информира за статусот на рекламацијата од страна на деловната банка – објасни Народната банка.

На банките не им се зборува

„Слободен печат“ се обрати и до трите најголеми банки во државава – Комерцијална, Стопанска и НЛБ – со прашања дали до нив се стигнати поплаки од граѓани за измамени клиенти, односно за направени лажни трансакции од нивната сметка и кој е најголемиот износ на направената измама. Исто така, прашавме каква е процедурата во ваков случај. Одговор (општо, без податоци) добивме само од Комерцијална банка.

– Банката како дел од своите активности поврзани со работење со картички, врши прием на рекламации за трансакции од клиенти-корисници на картички и работи на нивно разрешување во согласност со интерните процедури и според правилата на меѓународните институции чии лиценци ги користи во доменот на издавање картички. Исто така, Банката во овој процес работи според своите ингеренции, при што утврдувањето дали станува збор за измама е во надлежност на државни институции, кои имаат овластувања за истражување по пријава од засегната страна – ни изјавија од Комерцијална банка.

Системите се надоградуваат со појавата на нови типови закана

Поради глобалниот раст на бројот на напади во дигиталниот простор кај банките, особено во делот на платниот промет, платежните картички, меѓународни („свифт“) плаќања, Народната банка во 2018 година направи измени во подзаконската регулатива во делот на стандардите за информативна сигурност.

– Со регулативата се воведени барања за засилена автентикација на клиентите при пристап до платежната сметка и иницирање на платежните трансакции, механизми за спречување, откривање и дополнителна проверка на потенцијална измама и воспоставување на лимити на електронските платежни трансакции (дневни, месечни) кои самиот клиент може да ги дефинира според потребите. Надоградбата на системите се врши во согласност со појавата на нови типови закани и сценарија на измама – велат од Народната банка.

Оттаму објаснуваат и дека Народната банка во рамките на своите надлежности врши редовни периодични проверки на сигурноста на информативните системи вклучително и на наведените системи. Во обезбедувањето на безбедноста на овие системи, применети се општо прифатени меѓународни индустриски стандарди за информативна сигурност, кои подлежат на соодветна верификација од страна на „Виза“, „Мастеркард“ и „свифт“ континуирано на редовна основа за степенот на усогласеност.