Она што ја „вади ситуацијата“ во собирањето приходи во државната каса е добрата наплата на другите даноци

Во првите два месеци во државната каса се собрани 618,5 милиони евра, што е 13,5 отсто од планираниот вкупен буџет. Иако, извршувањето на Буџетот никогаш не се карактеризира со еднакво темпо на собирање на приходи по месеци, овој податок покажува дека износот е помал од очекувањата кога за два месеци би требале да се соберат 16,6 отсто од парите. Споредено, пак, со минатата година, добрата вест е што приходите во првите два месеци годинава се поголеми од оние што биле собрани лани, исто во јануари и во февруари, а кога нивниот вкупен износ изнесувал 579 милиони евра. Сепак, според економистите има една компонента од полнењето на Буџетот која особено загрижува, а тоа е наплатата на данокот на додадена вредност.

Претседателот на Здружението на даночни советници Павле Гацов, јавно на својот фејсбук-профил, го прокоментира полнењето на државната каса со овој данок. Тој вели дека ДДВ е во „илегала“ за првите два месеци од годинава.

„Високиот раст на цените за првите два месеци од 2023 година не испорача висок раст на приходите од ДДВ во Буџетот на Македонија!? Напротив. Нето-приходот од ДДВ за првите два месеци од 2023 година има пад од 6,3 проценти споредено со истиот период претходната година. За илустрација, цените (инфлацијата) во истиот период имаат раст од 16,9 проценти. Од овие две бројки (6,3 + 16,9) се добива реалниот пад на нето-приходот од ДДВ за повеќе од 23% !?“, анализира Гацов.

„Она што ја ‘вади ситуацијата’ е добрата наплата на другите даноци.

Даноците на доход (данок на личен доход и данок на добивка) имаат добра наплата за правите два месеци. Наплатата на овие два даноци ќе продолжи добро и во наредниот период (зголемена минимална плата, зголемена просечна плата, исплата на дивиденди…). За данокот на добивка на ред се ‘најиздашните’ месеци – март и април. Добар раст имаат и социјалните придонеси (18 проценти), исто така темелен на растот на платите, од април натаму нивниот раст ќе биде уште подобар заради растот на платите“, ги коментира бројките од Буџетот Гацов.

Се купува и помалку храна

Состојбата со намалениот прилив на пари од данокот на додадена вредност не е за изненадување ако се земе предвид намалената куповна моќ на населението, видно намалените турканици во продавниците, честите чистења на рафтовите од старите производи, и она што квантитативно ја заокружува целата оваа слика – бројките од Државниот завод за статистика за реалниот пад на прометот во трговијата (со вклучена инфлација). Реално, статистичарите забележале дека се купува дури и помалку храна.

„Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во трговијата на мало, во февруари 2023 година, во споредба со февруари 2022 година, гледано по групи и класи, зголемување на прометот е забележано кај сите номинални стапки, додека кај сите реални стапки е забележан пад во следните групи: Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун (номинално расте за 15,1 проценти, а реално опаѓа за 3,7 проценти), Трговија на мало, освен трговија со горива (номинално расте за 9,9 проценти, а реално опаѓа за 3,7 проценти), Трговија на мало со автомобилски горива (номинално расте за 1,6 проценти, а реално опаѓа за 3,2 проценти) и Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво (номинално расте за 4,5 проценти, а реално опаѓа за 3,8 проценти)“, информираше Државниот завод за статистика.

Приходите од ДДВ се најсеопфатна анкета на граѓаните

Падот на данокот на додадена вредност го прокоментира и даночниот експерт Славко Лазовски, кој во својот работен век учествуваше во креирањето на даночниот систем на земјава. Тој вели дека падот на ДДВ покажува дека има одложувања, па и откажувања на крупните купувања, кои не се неопходни за купувачот.

– Приходите на ДДВ, од сите видови даноци, имаат најизразита политичка димензија. Штом приходите опаѓаат, значи и опаѓа довербата во владејачката гарнитура. ДДВ е најсеопфатната анкета на граѓаните, а не по репрезентативен примерок – вели Лазовски.

Тој предложи УЈП да го „отвори“ серверот за да се извлечат најкорисните податоци за бизнисот: што најмногу се купува, во кој дел од денот и сезони, по места (градови), за да се прават: предметни, временски и територијални анализи. Тоа би било уште една голема придобивка од ДДВ, коментира Лазовски.

За два месеци буџетска дупка од 92 милиони евра

Во првите два месеци од годинава, од државната каса се направени расходи од 710,8 милиони евра. Ова значи дека за два месеци веќе е направена буџетска дупка од 92 милиони евра, што е 13,3 отсто од вкупно планираниот буџетски дефицит за оваа година.

Имено, планираниот буџетски дефицит за 2023 година изнесува 690 милиони евра. Но државата, покрај тоа што ќе се задолжи за овој дефицит, мора да се задолжи и за отплата на стари долгови, со што вкупно планираното задолжување е 1,5 милијарди евра.