1,4 милијарди евра без затезни камати ќе бидат наплатени од македонскиот буџет, ако државата ги изгуби сите арбитражни спорови кои се водат против неа. Од 2017-та до сега осум постапки се поведени пред арбитражниот трибунал против Македонија. Само во две државата излегла како победник, но во останатите постапките се уште се во тек, објасни вицепремиерот Фатмир Битиќи на брифинг со новинарите.

-Со овие пари можат да се направат комплетно  100 градинки, 100 основни училишта и  100 средни училишта. Како и комплетна канализациона и водоводна мрежа во државава, 1000 километри локални и регионални патишна и 3 технолошки паркови. Имав дилема, но не траеше повеќе од десет минути, дали да потпишам да решаваме арбитражни спорови или оставам како што тоа се правело претходно. Сметам дека треба да се заштити интересот на државата и граѓаните, а ова е еден од начините да се направи тоа.

Милионски суми на пари дополнително ќе бидат платени за адвокатски услуги, откако владата наместо домашни , одлучи да ја бранат светски реномирани адвокати.Дали некој ќе понесе одговорност од влада не кажуваат, но и државниот ревизор во последниот извештај укажува на потреба да се утврдат причините зошто биле покренати арбитражните постапки и да биде утврдена одговорност.

Таков е и последниот случај со еднострано раскинатиот договор за изградба на Клиничкиот центар. Државата ја ангажирала амеркианската адвокатска канцеларија „White and case“ една од 30-те најреномирани во светот, да ја брани во спорот со италијанската компанија ИНСО. Најмалку 18 милиони евра ќе треба да плати државата ако не успее да ги побие аргументите зошто беше раскинат договорот.  Арбитражната постапка во судот во Париз веќе е почната, но владата ќе бара промена на арбитерот сметајќи дека избраниот не бил подобен. Вицепремиерот Битиќи тврди дека изборот е таков бидејќи немало пријавено адвокати од земјава.

Ова е случај и со останатите спорови во кои се тужи државата.

Се уште се во тек постапките со турската Гама Гуч која побарува 5 милиони евра за нереализирана стечајна постапка во врска со гасната централа ТЕ-ТО. Побарувањата на Хеленик Петролеум за раскинатиот договор за мазут преку ОКТА изнесуваат 21,5 милиони долари..

Семејството Скубенко бара 77 милиони евра за загубената концесија во рудникот за злато, сребро и бакар Казандол. Скоро 19 години отворен е и случајот во кој бизнисмен од Словенија бара 500 милиони евра за нереализирана експропријација на рудникот Саса.

Од владата очекуваат по примерот на компанијата Кунико која го губи случајот за стечајната постапка во Фени, дека ги добијат и постапките со индијски „Бинани“ за стечајната постапка на рудникот Тораница во Злетово.