Мониторингот на постапките за јавни набавки на стоки, услуги и работи чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година детектирал серија проблеми и ризици од корупција.

Според Извештајот, проценетите вредности на набавките и натаму се многу повисоки од цените добиени на тендерите, што може да упатува на ризикот од намерно оставање простор за склучување договори по повисока вредност за да има доволно пари и за корупција. За илустрација на проблемот наведен е пример на една институција која за набавка на брзи тестови за детекција на антиген на SARS-COV-2, определила проценета вредност од 708.000 денари со ДДВ за 1.100 тестови, односно дури 644 денари за еден тест. Почетно, на тендерот имало 6 понуди, од кои 4 биле елиминирани во фазата на евалуација, а преостанатите два понудувачи не учествувале на електронската аукција и тендерот завршил со понуда од 472 денари за еден тест.

Кога има еден понудувач или останува еден понудувач по елиминирање на другите понуди во фазата на евалуација, речиси без исклучок понудената цена се совпаѓа или е многу блиску до проценетата вредност на набавката иако таа не е јавно објавена, што упатува на претходно вонзаконско договарање меѓу институциите што набавуваат и фирмите понудувачи, заклучува ЦГК. Притоа се споменува примерот со постапка со преговарање поради итност за набавка на услуга за дезинфекција од ковид-19 на 50 избирачки места во една општина, а проценетата вредност на набавката била 240.000 денари со ДДВ. Имало две понуди, едната од 295.000 денари и другата од 283.000 денари. Во преговорите, едниот понудувач со повисоката понудена цена не ја намалил својата понуда, додека другиот ја намалил на 239.999,99 денари, или само 0,01 денар до проценетата вредност.

Во мониторираниот период регистрирани се и големи разлики во цените за исти производи, набавени во ист временски период, што се движат и до 500 %.

При набавката на реагенси, постои долгорочна зависност од фирмата чијшто апарат за тестови го користи институцијата, што содржи ризик од плаќање високи цени за реагенсите и можност за корупција.

Постои слаба документираност на и онака нетранспарентните постапки со преговарање без објавување оглас.

Ангажирањето надворешни лица и фирми за спроведување на јавните набавки носи високи ризици од судир на интереси и корупција.

Како јавни набавки за ковид-19 се набавувани производи што не можат лесно да се доведат во врска со пандемијата, како, на пример, службено патничко возило со кожен волан, шест звучници и металик боја. Или набавка на печатени обрасци за амбулантен дневник, семеен патронажен дневник, извештај за пари, книга за редовност, рецепти, советувалиште за доенчиња, забоздравствен картон и сл. Или неколкуте набавки на компјутери, итн.  На сите вакви тендери од мониторираниот примерок имало само по една понуда, дури и за набавка на производи за коишто вообичаено има поголема конкуренција, како за компјутери, на пример.

Овој извештај е изработен врз основа на длабински мониторинг на 40 постапки за јавни набавки на стоки, услуги и работи за заштита од ковид-19, чии договори се склучени во второто полугодие од 2021 година, односно од 1 јули до 31 декември 2021 година. Опфатените постапки претставуваат 52 % од сите тендери за ковид-19 во периодот на мониторингот (вкупно 77 тендери). Вредноста на мониторираните тендери изнесува 1,25 милиони евра, што е 30,4 % од вредноста на сите тендери за ковид-19 во анализираниот период (4,1 милиони евра).