Од 1 јануари има нов закон, ама ретко кој знае

Од 1 јануари годинава во функција е нов Закон за платежни системи и платни услуги, кој предвидува многу новини, а една од нив е воведувањето на платежна сметка со основни функции. Оваа сметка овозможува минимум пет платежни трансакции во текот на месецот без да биде наплатена провизија. Практично, ова значи дека основните режиски трошоци – вода, струја, телефон, кабловска телевизија може да се плататат со месечниот надомест за оваа платежна сметка, кој сега е 31 денар. Овој износ пак, произлегува од Законот во кој е наведено дека „разумната висина на надоместокот не смее да биде повисока од 0,1 процент од подвижниот просек на просечната месечна исплатена нето-плата во земјата за претходните 12 месеци, согласно со објавите од страна на Државниот завод за статистика“.
Новините од Законот ги презентираше Народната банка на работилница за новинари што се одржа овој викенд.
– Платежната сметка со основни функции се отвoра и гласи во денари. Не може да има други платежни сметки во денари кај ниеден давател во земјата. Банката, односно штедилницата не смее да договори дозволено пречекорување на платежната сметка со основни функции. Група корисници на законски права може да имаат платежна сметка со основни функции без надоместок – рече Евица Делова-Јолевска, директорка на Дирекција за заштита на потрошувачи и финансиска едукација.

Кој може да отвори сметка без надомест?

Директорката Евица Делова-Јолевска објасни кои се корисниците на законски права може да ја имаат картичката без надоместок. Без надоместок, ваква картичка може да користат корисниците на: законска издршка, надоместок на штета настаната поради нарушување на здравјето или намалување, односно губење на работната способност и надоместок на штета за загубена издршка поради смрт на давателот на издршката; надоместок поради телесно оштетување според прописите за инвалидското осигурување; парична помош од социјална заштита; привремена невработеност; додаток на деца; и стипендија, кредит и помош на ученици и студенти.
– Право на отворање платежна сметка со основни функции има секој граѓанин – потрошувач со законско живеалиште или престојувалиште во државава – децидна е Делова-Јолевска.
Од Народната банка објаснија дека со новата регулатива, она што порано се нарекуваше транскациска сметка, сега е платежна сметка и дека секоја платежна сметка ќе може да ја трансформира во платежна сметка во денари со основни функции и обратно, без надомест.
– Платежната сметка со основни функции е добро решение за секој кој не користи дозволен минус и кој има само една сметка во една банка. Можно и со оваа сметка да се користи електронско банкарство и да се вршат онлајн плаќања – вели Делова-Јолевска.

Како се отвора сметка со основни функции?

Граѓанинот кој сака да отвори платежна сметка во денари со основни функции, ќе треба да поднесе барање за отворање на ваква сметка и писмена изјава дека нема отворено друга платежна сметка во денари кај истата или друга банка/штедилница. Доколку граѓанинот има неколку платежни сметки во денари кај еден или повеќе даватели, ќе треба да ги затвори истите пред да го поднесе барањето. Одлуката за отворање или одбивање на барањето треба да се донесе во рок од десет дена од денот на поднесувањето на барањето со комплетна документација со склучување на рамковен договор.
Без надопместок ќе се вршат минимум 5 трансакции, но над тој број банката си наплаќа според својот ценовник. Банката/штедилницата е должна да ги стави на располагање на потрошувачите информациите за карактеристиките, условите за отворање и користење и висината на надоместоци што се пресметуваат и наплатуваат за платежната сметка со основни функции. Оваа сметк не вклучува кредитна картичка, но потрошувачот доколку сака да ја користи може да склучи одделен договор.
Според новата регулатива, во иднина и штедилниците ќе може да бидат дватели на платежни услуги, па и кај нив ќе може да се отвори платежна сметка со основни функции.