Во Брисел продолжуваат билатералните скрининг состаноци од Кластер 2, „Внатрешен пазар“, а на денешната билатерална скрининг агенда е состанокот Поглавје 4, „Слободно движење на капитал“.

Како што соопшти Секретаријатот за европски прашања (СЕП), преговарачкиот тим го предводи заменичката на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која во воведниот говор пред експертите на Унијата, посочи дека Македонија прави континуирани напори за усогласување на националното законодавство со европското во оваа област, што подразбира целосна либерализација и во фаза на капиталните текови од финансиските сметки, а сето ова во согласност со втората фаза од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, која започна во декември 2018 година.

-Во делот на движењето на капиталот и плаќањата, во согласност со ССА, нашиот Закон за валутна дејност предвидува постепена либерализација на движењето на капиталот. Што се однесува со платните системи, сегашната правна рамка на нашата земја која ја регулира работењето на платниот систем е суштинско усогласена со законодавството на Европската Унија. Во април 2022 година беше донесен Законот за Платежни услуги и платни системи, кој во голема мера е усогласен со Директивата на ЕУ за платежни услуги, како и со другите ЕУ директиви за електронски пари и платен промет. Овој закон се применува од јануари 2023 година и оттогаш платежните трансакции се вршат не само од страна на банките, туку и другите лиценцирани платежни институции, додаде Абдиу-Халили.

Целта на ова Поглавјето посветено на слободното движење на капиталот е да се овозможи ефикасна прекугранична дистрибуција на физички и финансиски капитал за инвестициски и финансиски цели.

За граѓаните, како што се наведува во соопштението на СЕП, тоа значи можности за извршување на повеќе трансакции, вклучително и отворање банкарски сметки во странство, купување хартии од вредност во странски компании, инвестирање таму каде што повратот на инвестицијата е подобар како и купување на недвижен имот во странство.

За бизнисите, слободното движење на капиталот значи инвестирање и купување на бизниси внатре во единствениот пазар на ЕУ, како и обезбедување поевтин и достапен капитал.

СЕП додава дека работната група за ова поглавје ја сочинуваат претставници од Министерството за финансии, Народна банка на Република Македонија, Комисија за хартии од вредност, Централен регистар, Агенцијата за супервизија на осигурување, Управа за финансиско разузнавање, Министерство за внатрешни работи, Финансиска полиција, Државна комисија за спречување на корупцијата и Секретаријатот за европски прашања.

-Во текот на оваа недела, македонскиот преговарачки тим успешно ги заврши билатералните скрининзи за поглавјата 1 и 4, односно „Слободно движење на стоки“ и „Слободно движење на капитал“, кои се две од четирите основни слободи на кои се темели единствениот пазар на ЕУ, стои во соопштението на СЕО.

Од 27-ми февруари до 3-ти март ќе се одржат билатералните скрининг состаноци за Поглавјето 9, „Финансиски услуги“, Поглавје 28, „Заштита на потрошувачите и јавно здравје“ и Поглавјето 2 посветено на слободното движење на работници.