Според едно истражување, оние кои со велосипед одат на работа имаат 45 отсто помал ризик од рак и 46 отсто помал ризик од кардиоваскуларни болести. Сè повеќе градови на Стариот континент имаат стимулации за користење велосипеди за да стигнат до работа. Жителите на Холандија возат велосипед во просек по 2,6 километри дневно. Ако тоа беше случај во светот, како што исто така е утврдено со една студија, годишните глобални емисии на јаглерод би биле 686 милиони тони помалку, што е повеќе од целокупните емисии на јаглерод на Велика Британија, пишува Кликс.ба.

Постои стимул за велосипедистите во Холандија во вид на додаток за километражата. Имено, од 2006 година компаниите на вработените им даваат по 0,19 евра по изминат километар. Работниците едноставно можат да ги стават во џеб овие пари. Така, вработен кој во текот на пет работни дена ќе помине 10 километри дневно со велосипед може да заработи дополнителни 450 евра. Сличен поттик има и во Белгија, каде што е можно да се добијат 0,24 евра по километар.

Како што пишува Брисел Тајмс, секој петти вработен во малите и средни компании го добил овој надоместок во првата половина на 2022 година. Француските работници можат да добијат 0,25 евра по километар на пат од дома до работа, а годишниот максимум за овој вид стимулација е 200 евра. Во пилот фазата беа вклучени 18 компании кои даваа ваков тип на стимулација, а во таа прилика беше утврдено дека бројот на активни велосипедисти е зголемен за цели 50 проценти.