Повторно нови случувања на македонска берза со акциите на Комерцијлна Банка. Откако се продадоа акции во вредност од 18,1 милиони евра, сега повторно македонски компании во блок транскации презедоа нови акции од Комерцијална банка АД Скопје во вредност од десетина милиони евра. И овој пат од акциите се „ослободуваат“ странски инвестициски фондови како и во првата мега трансакција пред некој ден. 

 

„Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека на 22.03.2018 година во две блок трансакции беа истргувани вкупно 164.332 акции издадени од Комерцијална банка АД Скопје, по цена од 3.750 денари по акција, во вкупна вредност од 616.245.000 денари“, соопшти Комерцијална банка АД Скопје преку Македонска берза за хартии од вредност.

 

На продажната страна на трансакциите се јавуваат странски инвестициски фондови и нивните клиенти, додека на куповната страна се јавуваат две физички лица и следните правни лица:

 

Макпетрол АД Скопје

Индустри Сервис ДОО Скопје

М.Г. Фешн ДОО Увоз-Извоз Скопје

ЛЕАН ДОО Скопје

ЗСФ-КОМ ДООЕЛ Увоз-Извоз Скопје

ИНТ Трејд ДООЕЛ Кочани

 

Од КБ известуваат и дека секој од купувачите поединечно не го надминува прагот од 5% акционерско учество во вкупниот капитал на Банката. Доколку некој акционер би го надминал истиот сопственички удел ќе треба да добие и одобрение од Народната банка на РМ што е подолга процедура, па затоа сите удели се под границата од 5%.

 

Засега идентитетот на двете физички лица кои презеле дел од акциите на Комерцијална банка во овој блок трансакции се уште не е соопштен.

 

Повеќе информации за првичната мега трансакција на Комерцијална банка со над стотина илјади акции преземени од Гранит може да прочитате во продолжение.