Туризмот како дејност генерално е меѓу најсериозно засегнатите стопански гранки од епидемијата на Ковид-19. Затворањата на земјите, превентивните мерки, ограничувањата на движењето резултира со драстично намалување на бројот на остварени приходи од туризмот, особено минатата година, смета директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски.

Кога станува збор за оваа календарска 2021 година, вели, ситуацијата е значително подобрена, имаше раздвижувања на туристичкиот пазар, па и видовме странски гости воглавно во летната сезона, што е добар показател дека работите се придвижуваат кон подобро, но се уште остварувањата се далеку зад годините пред појавата на коронавирусот.

Проекциите и очекувањата на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот се дека до крајот на тековната година ќе бидат остварени стратешки планираните некаде до 2,2 милиони ноќевања, што е на нивото на 2015 година.

Јаневски посочи дека заклучно со август во земјата се регистрирани 1,8 милиони ноќевања. Карактеристично за главната летна туристичка сезона беше што таа беше мошне кратка, со голем пик. Тој изрази надеж дека наредната главна летна сезона ќе биде поразвлечена, дека пандемијата ќе завршува, па оттаму и туристичките субјекти ќе можат повеќе да говорат и за планирање во туризмот. Предвидувањата на Агенцијата е дека наредната година во земјата ќе бидат реализирани некаде до 2,5 милиони ноќевања.