Берзите и инвестициските фондови се вознемирија по колапсот на Силикон валеи банката, како и со случувањата во Кредит свис. Нашите одбранбени механизми се диверзификација на средства, законски ограничувања и стручен кадар

На 31.12.2022 година во трите задолжителните пензиски фондови: „Сава пензиски фонд“, „КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд“ и „Триглав отворен задолжителен пензиски фонд“ имало 572.034 членови, а вкупните нето-средства кај нив биле 1,8 милијарди евра, покажува извештајот за минатата година објавен од страна на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС). Со најмногу пари управува „КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд“, со 933,6 милиони евра, потоа е „Сава пензиски фонд“ со 824,6 милиони евра и „Триглав“ со 87,9 милиони евра.

Задолжителните пензиски фондови ги вложуваат парите и во акции на странски компании, странски обврзници и во странски инвестициски фондови. Но, берзите и инвестициските фондови се вознемирија по колапсот на Силикон валеи банката, како и со случувањата во Кредит свис.

Дарко Саздов, член на Советот на експерти на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) вели дека финансиските кризи се пресметани во управувањето со средствата.

– Капиталното финансирано пензиско осигурување е поврзано со долгорочни инвестиции. И во изминатиот период често сме биле изложени на ризици кои се појавуваат во системот. Станува збор за инвестициски циклуси што се менуваат во одреден период. Не можеме да очекуваме дека постојано ќе има раст на средствата, така што овие финансиски кризи се предвидени. Во таа насока има соодветна диверзификација на средства, постојат одредени законски ограничувања, а имаме и соодветно образован кадар што внимава на инвестициите, посебно во пензиското осигурување – рече Саздов, одговарајќи на новинарско прашање на Глобалната недела на парите, што ја организираше МАПАС со пензиските друштва и со Економскиот факултет при УКИМ.

Според извештајот од МАПАС, околу две третини од парите, пензиските фондови држат во државни домашни хартии од вредност и над 20 проценти им се во странски инвестициски фондови. Притоа, сите задолжителни приватни пензиски фондови во 2022 година уште повеќе го зголемиле учеството на инвестициите на домашен терен.

„Сава пензиски фонд“ 62,18 отсто од парите ги има вложено кај домашни издавачи, при што во обврзници и се 59 проценти, а во домашни акции 3,16 проценти. Во странство се пласирани 27 отсто од парите, и тоа речиси 8 проценти во акции, 1,5 проценти во обврзници и 20,2 проценти во странски инвестициски фондови. Во банки, пак, Фондот чува 7,11 отсто од средствата.

Во домашни акции СПФ има вложувања во „Алкалоид“. „Тиквеш“, Витаминка“. „Македонски телекомуникации“, „Прилепска пивара“, „Тетекс“, „Реплек Фершпед“ и во Универзална инвестициска банка. Вложувања има во три странски отворени инвестициски фондови: „Генерал кеш депозит“, „ВФП кеш депозит“ и во „Публикум паричен“. Пензискиот фонд има вложувања и во државни обврзници на САД.

„КБ Прв отворен задолжителен пензиски фонд“ дома пласира 68,27 отсто од парите, и тоа во обврзници 66,7 проценти, во акции 1,56 проценти. Во странски инвестициски фондови се вложени 27,41 процент и во странски обврзници 0,28 проценти. Во депозити во банки се пласирани 3,87 проценти од парите.

Овој пензиски фонд, од домашните акции има вложено само во акции на „Алкалоид“. Вложувања има во два странски инвестициски фондови: „Генерал кеш депозит“, „ВФП кеш депозит“. Фондот има вложено пари во државни обврзници на Унгарија.

„Триглав отворен задолжителен пензиски фонд“ кај домашни издавачи пласирал 66,29 отсто од парите, Од нив, 63,2 проценти се во домашни обврзници. 2,17 отсто се во домашни инвестициски фондови и 0,92 отсто се во домашни краткорочни хартии од вредност. Во странство се пласирани само во инвестициски фондови и таму се наоѓаат 26,34 отсто од парите на идните пензионери.

„Триглав“ вложил пари во четири отворени инвестициски фондови: „Генерал кеш депозит“, „ВФП кеш депозит“ , „ВФП премиум инвест“ и „Генерали топ брендови“. Исто така, има удели во дваесетина други инвестициски фондови (хартии од вредност од издавачи со седиште во ЕУ и ОЕЦД).