Народна банка ги објави најновите бројки за депозитите и кредитите за септември, кои говорат за натамошен раст на депозитите, и тоа кај сите сектори, иако домаќинствата се главни носители на растот на влоговите, додека порастот е многу помалку изразен кај компаниите.

Вкупните депозити во септември годинава достигнале дури 7,62 милијарди евра. Во однос на претходниот месец тоа е раст за близу 70 милиони евра, говорат податоците на централната банка.

Од овој раст од 70 милиони евра, најголемиот дел или над 55 милиони евра отпаѓа на пораст на депозити кај домаќинствата, односно кај населението, што значи дека нашиов народ не престанува да штеди во банка и во време на криза.

Или, на крајот на септември годинава заштедите на домаќинствата во банките и натаму продолжуваат да растат, откако пред неколку месеци ја надминаа психолошката граница од пет милијарди евра. Па така, тие достигнале сума од близу 5,09 милијарди евра, откако на крајот на август нивната сума беше 5,04 милијарди евра.