Европската комисија испрати писмо до премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, во кое ја изразува својата загриженост за различните трговски ограничувања што Србија ги воведе во последните месеци. Во писмото се предлага да се укинат неодамна воведените доплати, односно увозните даноци на млеко и млечни производи.

Сепак, експертите, но и домашните производители предупредуваат дека доколку тоа се случи, ќе се плаќа многу повеќе за овие производи во продавниците. Агроекономистот Жарко Галетин, потсетува дека според Спогодбата за стабилизација и асоцијација, од 2008 година државата е обврзана да ги адаптира актите за надворешна трговија во согласност со прописите на Европската Унија.

„Многу често добиваме поплаки, и од Европската комисија и од Светската трговска организација, иако не сме ни членка на неа. Сега, кога сакаме да ја заштитиме нашата млечна индустрија, ни велат дека тоа не е во согласност со меѓународните обврски“, вели Галетин за Нова.рс.

Според него, големо прашање е дали Србија ќе го послуша нивниот предлог.

„Може да се случи државата врз основа на притисок да го направи тоа, но ќе предизвика големо разочарување кај производителите. Оваа состојба може да се надмине со повисока откупна цена што ќе предизвика поскапувања“, објаснува соговорникот.

Тој напоменува дека односот меѓу државата и млекопроизводителите е тежок, бидејќи приказната за премиите за млеко, субвенциите по грло и сите поврзани прашања се одолговлекува. Галетин го гледа излезот од државата да изврши притисок врз откупувачите на млеко да ја покачат откупната цена, во што тој се сомнева.