На крајот на годината кај нашиот северен солсед биле евидентирани 136.711 земјоделски пензионери, со просечна пензија од 17.225 динари (околу 9.000 денари), а во септември во Македонија имало само 51 земјоделци-пензионери со просечна пензија од одвај 10.403 денари.

Во базата на осигурителни податоци на српскиот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување за јуни 2023 година, се евидентирани 93.117 земјоделски осигуреници, но нивниот број бележи постојан пад од година во година, анализира Политика рс. Инаку, на крајот на годината во Србија евидентирани се 136.711 земјоделски пензионери, што е 8,3 отсто од вкупниот број пензионери, со просечна пензија од 17.225 динари (околу 9.000 денари) и тоа пред јануарското зголемување – посочуваат од пензискиот Фонд.

Сепак, бројката на српските земјоделски пензионери е „милион години“ подалеку од состојбите во Македонија. Како што пред неколку месеци пишуваше „Слободен печат“, податоците на нашиот Фонд за пензиско и инвалидско осигурување ја откриваат поразителната вистина. Имено, во септември имало само 51 корисник, а нивната просечна пензија била одвај 10.403 денари! На македонските ниви има земјоделци и по 80 години. Тие главно произведуваат за себе, но има и такви што вишокот го носат на пазар.

Поранешниот лидер на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски, кој многу долго ја следел оваа тематика, вели дека на терен сретнал многу некогашни земјоделци, кои се оставени буквално сами на себе – ниту може повеќе да работат на нивите ниту имаат пензија, а со тоа да биде уште поголема трагедијата, немаат ни здравствено осигурување!

– Тоа е комплексен проблем што државата не знаеше да го реши. Проблемот настана затоа што земјоделците не уплатувале придонеси, тоа го направиле само многу мал број, и затоа сега имаме само 51 земјоделски пензионер. Затоа притискавме и тие да влезат во оние што земаат социјални пензии. Кога се најавуваа социјалните пензии, тогашната влада зборуваше за опфат на 60.000 наши сограѓани, но потоа постави такви услови, што многу малку во однос на таа бројка ги исполнија. Еден од условите беше да немаат имот, а секој земјоделец има земја, ама работата е дали може или не може да ја обработува – вели Аргировски.

Во наредниот период во Македонија може да се очекуваат повеќе пензионери со земјоделска пензија затоа што и законската регулатива се промени. Почнувајќи од 2017 година, обврзник за плаќање придонеси од задолжително социјално осигурување се индивидуални земјоделци, односно носители на семејно земјоделско стопанство од прва, втора и трета категорија.