Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска ги повика земјоделците навремено да аплицираат за директни плаќања за женски приплодни грла- маторици.

Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои одгледуваат минимум пет грла маторици и ќе ги чуваат најмалку до 30 ноември. Висината на директните плаќања изнесува 1.000 денари по грло-маторица.

Земјоделските стопанства можат да аплицираат и за подмерката 2.14 за директни плаќања за продадени или заклани гоеници во регистрирани кланични капацитети. Корисници на оваа подмерка може да бидат земјоделските стопанства кои одгледале, продале или заклале најмалку пет гоеници во период од мај 2022 година до јануари годинваа во регистриран кланичен капацитет, запишани во Регистарот на одобрени објекти за производство на храна од животинско потекло. Висината на директните плаќања за гоеници со тежина над 90 килограми изнесува 1.000 денари по грло.

– Ги потсетуваме земјоделците дека крајниот рок за поднесување на апликации за субвенции е до 30 јуни 2023. Земјоделците барањата можат да ги достават секој работен ден во канцелариите на подрачните единици на МЗШВ или електронски преку веб страната на Платежната Агенција, стои во соопштението од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.