Oil_wellЦените на суровата нафта скокнаа на меѓународните пазари, на ниво од 58 долари за барел, откако Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници во Персискиот Залив започна воена операција во Јемен. На пазарот во Лондон цената на суровата нафта скокна за 1.37 $ во однос на претходното затворање, на 57.85 $. На американскиот пазар се тргуваше за 1.70 $ повисока цена, од 50.91 $.

Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници во Персискиот Залив, вчера започнаа воздушни напади врз бунтовничките позиции на Хутите во Јемен, кои од главниот град го прогонија претседател на земјата Абед Рабух Мансур Хади.

Оваа акција ги поттикна стравувањата за безбедноста на испораката на нафта од регионот на Блискиот Исток.

Воздушните напади врз шиитската група во Јемен го зголемуваат ризикот од вмешување на Иран, долгогодишен ривал на Саудиска Арабија за доминација на Блискиот Исток. Иранското Министерство за надворешни работи побара итен прекин на сите форми на воена “агресија” во Јемен, пренесува иранската новинска агенција Фарс.

Неименуван саудиски извор упатен во прашањата на одбраната, изјави дека за воспоставувањето на редот во Јемен можеби ќе треба и копнена операција.

“Овие геополитички ризици веќе некое време се во позадина, затоа што акцентот во последно време е ставен  на прекумерната понуда”, изјави Оле Хансен од Сахо банка. “Времето не го избриша проблемот на прекумерната понуда а со тоа потенцијалот за раст на цената е ограничен, освен во случај на ескалација на конфликтот. Мора да се види како ќе се развиваат работите во следните неколку дена”, дополнува Хансен.

Со цел да извезуваат нафта во Европа, арапските производители, мора да ја транспортираат со танкери покрај брегот на Јемен низ Аденскиот залив, како би стигнале до Суецкиот Канал. Најосетлива точка на патот е теснецот Баб ел Мандеб (Портата на плачот), широк помалку од 40 километри. Американската влада теснецот го смета за тесно грло во глобалното снабдување со нафта.

Во регионот стационирани се голем број на воени сили од западните земји. САД и Франција имаат големи воени бази во Џибути, на афричкиот брег од теснецот, а во Аденскиот Залив патролираат и НАТО бродови испратени во борба против пиратите.

Кинеското министерство за надворешни работи објави дека е длабоко загрижено поради влошувањето на ситуацијата во Јемен.