vw“Volkswagen скандалот” силно ја потресе германската деловна и политичка сцена, а аналитичарите предупредуваат дека кризата во гигантот во производството на автомобили би можела да претставува поголема закана за германската економија од грчката должничка криза. Volkswagen моментално е најголемиот германски произведувач на автомобили кој вработува повеќе од 270.000 лица во земјата, а голем е бројот на вработени и кај неговите добавувачи.

Откако Volkswagen во вторникот призна дека 11 милиони од своите дизел автомобили во светот се опремени со уреди што овозможуваат лажирање на еко-тестот, во средата извршниот директор Martin Winterkorn поднесе оставка. Освен во САД, истрага најавија и властите во Франција и Јужна Кореја.

“Одеднаш Volkswagen стана поголем негативнен ризик за германската економија од грчката должничка криза. Ако продажбата на VW во САД во следните месеци падне, тоа нема да влијае лошо само на компанијата, туку и на целата германска економија”, изјави Carsten Brzeski, економист во ING.

Минатата година, Volkswagen во САД продаде околу 600 илјади возила, што е околу 6 проценти од вкупните 9.5 милиони продадени возила во целиот свет.

Агенцијата за заштита на животната средина на САД (EPA) му нареди на VW да ги елиминира откриените недостатоци, а германската компанија ја запре продажбата на сите модели со дизел мотор во САД за време на истрагата, која може да резултира со парична казна од 18 милијарди евра, што е повеќе од целокупната минатогодишна оперативна добивка на компанијата.

Иако таа казна може да се покрие од паричните резерви на VW, кои изнесуваат околу 24 милијарди долари, скандалот предизвика стравувања од масовни отпуштања во VW и кај неговите добавувачи.

Германската влада е загрижена и за можноста дека поради скандалот ќе страдаат и другите германски производители на автомобили како што се Daimler и BMW, иако не постои индикација дека компаниите прават нешто нелегално.

Германскиот автомобилски сектор вработува околу 775.000 луѓе, речиси 2 проценти од вкупната работна сила, а продажбата на возила во последните неколку години се соочува со проблемот на забавување на растот на кинеската економија, а со тоа и на тамошната побарувачка за автомобили.

“Ако продажбата на автомобили падне, тоа би можело да влијае на сите добавувачи, а со тоа и на целата економија”, изјави Martin Gornig од институтот DIW.

Производство на автомобили и делови е најуспешниот сектор во германскиот извоз – минатата година неговиот извоз изнесуваше 200 милијарди евра, речиси една петтина од вкупниот германскиот извоз.

Овој скандал може да го загрози квалитетот и сигурноста на германските компании, предупредуваат некои аналитичари.

“Не постои општо сомневање во производите со етикета “Made in Germany”. Но, некои германски компании се плашат од домино ефект, дека VW скандалот би можел да влијае на нивниот бизнис и да доведе до ерозија на ознаката “Made in Germany”, изјави Andre Schwarz, директор на трговското здружение BGA.

Какво ќе биде влијанието, останува да се види, но во средата најголемиот дилер на автомобили AutoNation предупреди дека позицијата на брендот Volkswagen во САД е во опасност.

“Проблемот на Volkswagen е уште една дамка за сите дизел мотори. Продажбата на VW во следната деценија или две може да биде под влијание од потезите кои компанијата ќе ги превземе во следните неколку денови, недели и месеци”, изјави извршниот директор на AutoNation Mike Jackson.

Jackson, сепак, не мисли дека проблемите на Volkswagen ќе се прелеат и кај другите брендови на автомобили на Volkswagen како Порше и Ауди.

Некои експерти укажуваат дека, сепак, не треба да се претерува со влијанието на Volkswagen скандалот врз целата германска економија.

“Мислам дека нема потреба целата германската автомобилска индустрија да се става во ист кош. Исто така, мислам дека нема да има рецесија само поради една компанија”, изјави Joerg Kraemer, главен економист во Commerzbank.