Минатата недела индексите силно пораснаа бидејќи по извештајот од американскиот пазар на труд, инвеститорите заклучија дека се намалуваат притисоците врз растот на платите, а со тоа и врз инфлацијата, што може да доведе до паузирање на ФЕД во процесот на зголемување на каматните стапки

На Волстрит денеска паднаа берзанските индекси, губејќи дел од минатонеделните добивки, бидејќи немаше вести за поддршка на понатамошното зголемување на цените на акциите.

Dow Jones загуби 0,59 отсто и падна на 33 562 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,20 отсто, на 4 273 поени, а индексот Nasdaq 0,09 отсто, на 13 229 поени.

Минатата недела индексите силно пораснаа бидејќи по извештајот од американскиот пазар на труд, инвеститорите заклучија дека се намалуваат притисоците врз растот на платите, а со тоа и врз инфлацијата, што може да доведе до паузирање на ФЕД во процесот на зголемување на каматните стапки.

На пазарот на пари во моментов се проценува дека има околу 80 отсто шанси лидерите на американската централна банка да ги остават каматните стапки непроменети на состанокот во јуни. Дотолку повеќе што низа други извештаи покажуваат дека растот на најголемата светска економија забавува.

„Лошите вести се добри вести за каматните стапки. Лошите вести кои укажуваат на слабеење на економијата се всушност добри за пазарот бидејќи тоа значи дека инфлациските притисоци се намалуваат и дека ФЕД може да паузира по долгата серија на зголемувања на каматните стапки“,

рече Тим Гриски, стратег во фирмата „Ингалс и Снајдер“.

Сепак, бидејќи инфлацијата сè уште не се намалува доволно брзо, повеќето аналитичари веруваат дека ФЕД, по евентуалната пауза во јуни, уште еднаш ќе ги зголеми каматните стапки во јули. Затоа, на берзата се тргува внимателно, додека се чекаат нови вести кои би можеле да ги потврдат или побијат актуелните тези.

Од 11-те најважни сектори на индексот S&P 500, цените на акциите вчера паднаа во седум од нив, најмногу во индустрискиот за 0,7 отсто и во енергетиката за 0,6 отсто.

Цените на акциите вчера благо паднаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индексот ослабе за 0,10 отсто, на 7 599 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,54 отсто, на 15 963 поени, а париски CAC за 0,96 отсто, на 7 200 поени.