Инвеститорот и милијардер Ворен Бафет има совет за младите: „Фокусирајте се да научите да пишувате и да зборувате јасно“.

„Еден лесен начин да ја удвоите личната вредност е да ги усовршите вашите комуникациски вештини – и писмени и вербални“, рече Бафет во видеото објавено на „Линкедин“.

Видеото е објавено од Мајкл Худ, коосновач на стартапот Voice Flow со седиште во Торонто, што им овозможува на корисниците да дизајнираат, градат и лансираат вештини за производот „Alexa“ на Амазон, без потребните програмски знаења.

„Ако не можете да комуницирате, тоа е како да и намигнувате на девојка во мрак – ништо не се случува. Можете да ја имате целата интелигенција на овој свет, но мора да бидете во можност да го изразите тоа и пренесете “, рече Бафет, пренесува CNBC.

„И изразот е комуникација“, вели Бафет, чие богатство во моментов е над 86 милијарди долари, според Форбс.

Советот даден од Бафет доаѓа од „прва рака“.

„Бев преплашен од јавни настапи кога бев во средно училиште и колеџ“, рече Бафет во видеото на БиБиСи објавено во 2009 година.

„Не можев да го сторам тоа. Мислам, повраќав… “.

Кога бил помлад, Бафет присуствувал на курс за јавно обраќање во Дејл Карнеги, организација за развој на професионални вештини основана од американскиот писател и предавач Дејл Карнеги.