Или повисоки плати за вработените во Управата за јавни приходи (УЈП) или никој нема да земе плата. Ова е предупредувањето од денешниот едночасовен протест на вработените на УЈП пред Министерството за финансии. Тие бараат од министерот Фатмир Бесими да го потпише Колективниот договор за покачување на нивните плати или во спротивно најавуваат радикализирање на протестите со што ќе се загрози системот за исплати на плати.

Претседателот на Синдикалната организација „Солидарност“ при УЈП, Васе Неданоски, изјави дека изготвен е нов Колективен договор во кој се утврдени неопходните права потребни за функционирање на управата, меѓу кои е и правото на зголемување на платите кое е одобрено со член 66 од Законот за буџети.

„Таквата содржина на договорот беше прифатена од двете страни и беше испратена до Министерството за финансии на одобрување“, истакна Неданоски додавајќи дека со цел да се направи компромис во врска со договорот вработените на УЈП се откажале од некои финансиски права.

Вработените од Управата за јавни приходи предупредуваат дека доколку не се потпише Колективниот договор со кој се овозможуваат 30 отсто повисоки плати на вработените следен чекор им е радикален штрајк, кој како што вели Неданоски, ќе биде во штета на целата држава.

„ Тоа значи штрајк со неисполнување на работните задачи“ изјави Неданоски.

Од Министерство за финансии по завршувањето на протест во писменото соопштение е посочено дека во процес на преговори е Општ колективен договор и дека нема простор за поединечни решенија пред неговото потпишување.

„ Во однос на барањето на дел од даночните работници за раст на платите, истакнуваме дека Владата се залага за систем за раст на платите во целиот јавен сектор“, соопшти Министерството за финансии.

Од Министерството велат дека целта на Владата е да се воспостави воедначено, системско решение кое ќе биде фискално одржливо на долг рок и кое соодветно ќе го валоризира трудот на работниците.

„Очекуваме дека преговорите во ЕСС ќе продолжат и дека наскоро заеднички ќе се дојде до одржливо решение прифатливо за сите страни“, соопшти Министерството за финансии.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска вели дека вработените кои протестираат за повисоки плати во управата ја имаат нејзината поддршка, но одлуката за тоа не е во нејзни раце.

„Сепак, треба да очекуваме конечно потпишување на Колективниот договор кој ќе го има работодавачот со синдикатот“, изјави Лукаревска во интервју за ТВ Канал 5.