euro-dollar-billВредноста на доларот ослабна во однос на кошницата валути, откако инвеститорите останаа разочарани после состанок на ФЕД од кој се надеваа дека ќе добијат појасни сигнали на временска рамка во која треба да се спроведе зголемување на каматните стапки.

Долар индексот, кој ја мери вредноста на доларот кон шестте главни светски валути, се намали за 0,6 проценти на 93,722 поени, што е најниско ниво во месец дена, откако претседателката на ФЕД Janet Yellen истакна дека зголемувањето на каматните стапки е во план и дека тоа ќе зависи од понатамошно подобрување состојбата на пазарот на трудот.

Девизниот курс на доларот во однос на јенот ослабна за 0,5 проценти на 122,72 ¥.

На слична процентна загуба доларот е и во однос на еврото, кое зајакна и покрај неизвесноста со Грција која не успева да постигне договор со доверителите потребен за одмрзнување на преостанатите транши од тековната програма за заем. Еврото зајакна за 0,5 проценти на 1,1411 $.

Долар ослабна и во однос на франкот за 0,5 проценти на 0,9176 франци.

Фокусот ќе се пренасочи на состанокот на министрите за финансии на еврозоната, иако се слаби очекувањата дека преговорите помеѓу Грција и доверителите ќе се придвижат од мртвата точка и ќе се постигне договор за да се спречи Грција да дојде во ситуација повеќе да не биде во можност да ги исполни своите финансиски обврски.