ТТК банка АД Скопје ја реализираше втората емисија на долгорочни должнички хартии од вредност – корпоративни обврзници.

Обврзниците се емитуваа по пат на јавна понуда со којашто за кратко време се запишаа и се уплатија 100 отсто од понудените 1.500 обврзници по номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од шест години, а во вкупна вредност од 1,5 милиони евра. Каматната стапка е фиксна и изнесува 2,7 % годишно. Пресметката и исплатата на каматата ќе се врши годишно, додека номиналната вредност на обврзницата ќе се исплатува по доспевањето на обврзницата.

„TTK банка АД Скопје, по успешната прва емисија на корпоративни обврзници по втор пат, се одлучи на овој чекор со цел диверзификација и обезбедување долгорочни и стабилни извори на средства, зајакнување на капиталната сила и вкупниот финансиски капацитет на банката, а во согласност со планираните бизнис цели за наредниот период.

Со ширење на лепезата на емитувани обврзници ТТК банка АД Скопје го поттикнува развојот на домашниот пазар на капитал и секундарниот пазар на должнички хартии од вредност. Истовремено ја потврдува својата ориентираност преку понудата на долгорочни производи со поволни каматни услови да ги задоволи барањата на своите клиенти.

И овој пат понудените услови поттикнаа голем интерес за вложување во обврзници на стабилна и перспективна банка. Во иднина ТТК банка АД Скопје планира да реализира дополнителни емисии на долгорочни хартии од вредност. Карактеристиките на новите обврзници ќе се понудат во согласност со интересот на потенцијалните инвеститори“, изјави претседателот на Управниот одбор на ТТК банка АД Скопје проф. д-р Драгољуб Арсовски.

Во наредниот период обврзниците ќе бидат ставени на листата на регулираниот пазар на Македонската берза каде што ќе бидат достапни за секундарно тргување за инвеститорите, за правните и за физичките лица. Приходите од вложување во обврзница се стабилни и предвидливи, што ги прави популарни за инвеститорите кои сакаат да остварат сигурни приходи.

Во 2019 година ТТК банка АД Скопје го оствари својот најдобар финансиски резултат. ТТК банка АД Скопје ќе ги искористи прибраните средства од емисијата за понатамошна активна поддршка при реализацијата на финансиските планови на физичките и правните лица, соопшти банката.