Вработени се жалат дека работодавецот во минималната плата им пресметува и минат труд и работа на празник и во недела, како и други додатоци, а ССМ ги повикува тие кои добиле таква пресметка на плата да пријават кај нив. Синдикалците потсетуваат дека минималната плата, која сега е околу 15.000 денари, е основата плата, а законски предвидените додатоци само ја зголемуваат.

Само 5.020 денари вредел трудот на еден вработен во приватна фирма за одработени 120 часови во месецот.

Сепак, како нето-вредност на крајот на месецот на сметката му легнала законски гарантираната минимална плата од петнаесетина илјади денари, а до неа се дошло на тој начин што газдата на платната листа му допишал и 1.080 денари за работа на државен празник, 540 денари за годишен одмор, 3.000 денари за редовност, 2.500 денари за хранарина, 500 денари за квалитет и уште 2.183 денари за минат труд. На крајот до минималната плата од 15.023 денари недостасувале уште 200 денари, па газдата морал да му ги доплати како додаток. Со задршката од 100 денари за колективно осигурување платата му се намалила на 14.923 денари.

Овој работник веселата математика на газдата за кој работи ја пријавил во Сојузот на синдикатите на Македонија, кој, пак, неговиот платен лист го дава како пример на незаконска исплата на плата и ги повикува работниците на кои им е направена таква пресметка да пријават.

-ССМ веќе поднесе пријави за неколку работодавачи кои незаконски пресметуваат и исплаќаат плата на работниците. Минимална плата е најнискиот месечен износ на основната плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време. Платата е составена од основна плата, дел од плата за работна успешност и од додатоци, појаснуваат од најголемиот синдикален сојуз и потенцираат дека основната плата не може да биде пониска од минималната утврдена со закон, која сега е нешто над 15.000 денари за полно работно време.

Според закон, таа основна плата се зголемува кога работникот работи во услови потешки од нормалните за определено работно место, а за секој одработен час се зголемува најмалку за 35 проценти за прекувремена работа, исто толку за работа ноќе, за пет проценти за работа во три смени и за 50 проценти за работа во ден на неделен одмор.

-За работа во денови на празници и неработни денови утврдени со закон, работникот има право на надомест на платата што му припаѓа кога во тие денови не работи и плата за поминатите часови на работа зголемена за 50 проценти, или вкупно 250 проценти, а додатоците, меѓусебно не се исклучуваат. Основната плата на работникот се зголемува и за 0,5 проценти за секоја година работен стаж, велат од ССМ.

Оттаму додаваат и дека работодавачот на свој трошок на работниците може да им организира превоз до и од работното место, како и исхрана за време на работа, па ако ја пресметува мора и да ја исплати. Исто така, не смее своите побарувања кон работникот без негова писмена согласност да ги порамни со својата обврска за исплата на платата.

Бројот на незадоволни работници во последно време се зголемува. Од ССМ информираат дека примиле дури 80.000 поплаки, од кои дел се за исплата на плата под минималната, а има и за незаконски дадени откази. За некои од поплаките се поведени судски постапки, а дел се пријавени во Државниот инспекторат за труд.

Во периодот од јануари и март 2021 година, Државниот инспекторат за труд направил 3.738 надзори по претставки пријавени од граѓани кои што сметаат дека им е повредено одредено право од работен однос или право од заштита и безбедност при работа. Покрај овие вонредни надзори, има 541 контролен надзор, и 267 редовни надзори.