За 3,1 милијарда евра е купен аеродромот во Будимпешта. Нови сопственици се унгарската државна компанија „Корвинус“ и францускиот коинвеститор „Ванси Аеродроми“ од досегашниот главен акционер „АвиАлијанса“ и малцинските акционери.

„Корвинус“ стана мнозински сопственик на аеродромот со 80 отсто од акциите, а неговиот француски партнер „Ванси“ ќе ги има останатите 20 отсто.

– Унгарската влада и францускиот коинвеститор ќе работат на тоа аеродромот во Будимпешта да стане еден од најдобрите не само во регионот, туку и во светот –  се вели во соопштението на Министерството за економија на Унгарија.

Пред продажбата, главен акционер на аеродромот во Будимпешта со удел од 55,44 отсто беше „АвиАлијанса“ во сопственост на канадскиот одбор за пензиски инвестиции во јавниот сектор (ПСП Инвестментс).

Малтон, подружница на сингапурската ГИЦ „Спешл Инвестментс“, контролираше 23,33 отсто, додека канадскиот Caisse de depot et placement du Quebec ги задржа преостанатите 21,23 отсто.

Последната година и пол беше најуспешниот период во историјата на аеродромот во Будимпешта. Покрај фактот што компанијата работи континуирано и успешно на закрепнување од пандемијата на коронавирусот и затворање на втората профитабилна постоковид година, податоците за превезени патници и товарот покажуваат стабилно зголемување. Многумина сведочат за високиот квалитет на услугите кои ги дава аеродромот во Будимпешта, но аеродромската заедница заработи и престижни награди во областа на одржливоста, развојот на летови, управување со човечки ресурси

„Ројтерс“ наведува дека владата на премиерот Виктор Орбан, откако ја презеде власта во 2010 година, ја зголеми сопственоста на унгарската држава во енергетиката, банкарството, телекомуникациите и медиумите и со години планира да го купи аеродромот. Ванси е еден од најголемите аеродромски оператори во Европа, а управува и со аеродромот Никола Тесла во Белград.