Во декември беше објавен предлог Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам. Во него за прв пат кај нас e опфатена и предложена регулатива во однос на криптовалути. Читањето нацрт-закон е навистина “глатко” искуство а јас како и обично нурнав во задачата, надевајќи се да бидам изненаден.

Изненадувањето дојде само неколку секунди покасно – кога прочитав дека законот е предложен заради усогласување со ревидираните и дополнети меѓународни стандарди (препораки на меѓународното тело ФАТФ – FATF – Financial Action Task Force) и усогласување со 5-та Директива на ЕУ за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари.

Ова ФАТФ е она заради кое треба да застанеме за момент пред да продолжиме.

ФАТФ (Financial Action Task Force) e интернационална организација што располага со огромна моќ и покрај тоа што директно не креира регулативи. Нејзините препораки се всушност “препораки”. Организација што на почетокот беше формирана за да се справи со перењето пари но набргу после тоа (како што е типично за секоја “привремена” владина институција), си го прошири мандатот на “одржување на интегритетот на финанискиот систем”, што и да значи тоа. Крипто валутите се најдоа во фокусот на ФАТФ во 2018 година за да минатата година конечно се изјаснат со дефиниран сет на препораки кои што набргу се очекува да станат и официјални регулативи во секоја земја, најкасно до Јуни 2022.

Ете гледаме дека тоа се случува полека и кај нас. Од тука ми почнува блуткавото чувство во устата, знаејќи дека одеднаш се јавија предлог регулативи во тој дел не заради реална процена на можностите и ситуацијата околу криптовалутите кај нас туку заради тоа што уште еднаш истото ни го налага странско тело. Ова го велам бидејќи добар дел од текстот во предлог законот е буквално препис од препораките на ФАТФ – го прочитав нивниот документ од стотина страни (еве го овде-вака), предизвик можен само за лице што нема социјален живот.

Me загрижува и втора работа. Го проследив интервјуто на имењакот Блажо Трендафилов, директор на Управа за финансиско разузнавање а една негова изјава морам да ја цитирам Крипто средствата се средства позади кои нема некоја друга вредност освен популарност.

Со ова директно се зацврстува доминантната реторика околу крипто кај нас дека крипто е некаква инвестибилна категорија, дека е начин за бистрите во ум деца, што не успеаа да заработат на нашиот полуфункционален пазар на хартии од вредност доминиран од скандали од типот на овој со основачот на Пекабеско, да заработат на ова нова имотна категорија.

Да, инвестирање во крипто токени може да биде лукративен начин на заработка без да бидеш акредитиран инвеститор но ова е само под-дел на крипто феноменот. Крипто не се врти само околу популарни токени, за инвестирање. Крипто валутите буквално го редизајнираат целиот монетарен систем, од јадрото (пазар на пари), кон периферијата (деривативи) и отварат нова, примордијална форма на таканаречени еластични пари каква што немаме видено речиси педесет години.

Значаен дел од овој процес се и “стабилните криптовалути” (stablecoins) што Трендафилов намерно или случајно се изразува како да не постојат. Токму тие стабилни валути во некои земји се закануваат да го заменуваат легалниот декрет. Затоа ли му е на Трендафиловски неугодно да ги спомне а наместо тоа го продава крипто само како кул и шик феномен за инвестирање?

Во продолжение издвојувам неколку значајни делови од Нацрт-законот, пред да дојдеме до краен заклучок.

 

Виртуелните средства не вклучуваат дигитални записи на фиат валути или пари во смисла на закон кои претставуваат законско платежно средство, хартии од вредност и други финансиски средства согласно закон

 

Oвој дел смрди на ФАТФ бидејќи они се голем опонент во однос на стабилните криптовалути. Ова во суштина значи дека е океј ако утре НБРМ реши да се произнесе со виртуелен денар, но не е океј ако населението почне да користи централизирана валута (што не е емитувана од централна институција). Ова е директен удар врз т.н. децентрализирани стабилни валути или stablecoins, односно се отвара простор за воведување на CBDCs како Тројански коњ, пред да децентрализираните стабилни валути добијат широка популарност меѓу популацијата.

Овде буквално се гледа препис и механички превод без реално сценарио и потреба. Зошто? Заради тоа што нема ниту збор во предложениот нацрт што го опфаќа делот со крипто плаќања. Заради тоа што кај нас речиси и да нема можности да платиш било што со крипто валути а стабилните валути се користат само за влез и излез од тргувања. Односно се казнуваат оние што сакаат да тргуваат крипто валути.

 

Адресата на хостираниот или нехостираниот електронски паричник за виртуелни средства, при што доколку недостасува или не може да се утврди, тогаш е потребно да се утврди единствената идентификациска ознака на трансакцијата со виртуелни средства, која овозможува нејзино следење.

 

Овде се прашувам, кој е збунет, јас или оној што го пишувал текстот? Едно е да и наметнеш на регистрирани провајдер на виртуелни средства (менувачница) да бараат KYC бидејќи тие даваат custodial services, oдносно технички ги чуваат твоите виртуелни средства. Значи по дефолт паричникот отворен во менувачница е хостиран.

Ако случајно јас директно правам размена со друго лице, тогаш меѓу нас не се јавува хостирач односно станува збор за Peer-to-peer размена. Како тогаш би можеле да го откријат тој паричник (освен преку присила и уцена)? И зошто воопшто би сакале да го направат тоа кога тврдат дека предлог законот е фокусиран претежно на ентитети-даватели на услуги околу виртуелни средства (менувачници).

 

Се забранува вршење на трансакции поврзани со размена на виртуелни средства за пари во смисла на закон кои се вршат со готовина во износ повеќе од 500 евра во денарска противвредност според средниот курс на Народната банка на Република Северна Македонија на денот на вршењето на трансакцијата, во вид на една или повеќе очигледно поврзани трансакции, што не е извршено преку банка, штедилница или преку сметка во друга институција која дава платежни услуги.

 

Го читна чудово? Ова значи дека не смееш да идеш во менувачница со кеш во рака и да побараш да ти продадат повеќе од 500 евра вредност на крипто.

Koнтактирав неколку такви менувачници и ги прашав абе дечки дали знаете дека со нов нацрт закон нема да можете да продавате крипто без кеш, повеќе од 500 евра без да побарате копија од лична карта или пасош? Они ми велат, не бе тоа не би требало да нé опфаќа нас. Ок.

 

 

Се забранува давање на услуги поврзани со виртуелни средства кои посредно или непосредно овозможуваат прикривање на идентитетот на клиентот како и вршење на трансакции со такви виртуелни средства

 

Ова значи дека крипто валути од типот на Dash, Monero, и сл ќе бидат на директен удар на регулаторот бидејќи нивниот блокчеин е така конципиран да овозможи дополнително ниво на приватност и анонимност на оној што реализира трансакции со нив. Со други зборови, дозволени ќе бидат само криптовалути што можат да бидат следени и де-анонимизирани. Големиот Брат во акција.

 

Давателите на услуги поврзани со виртуелни средства ќе ја известуваат Управата за  размена на виртуелни средства и фиат валути или пари во износ од 1.000 евра

 

Баш како што прочита. Според мене, ова сума е премала и согласно со обемот на трансакциите би требало во иднина да биде зголемена.

 

Заклучок.

Прашањето кое ме мачи е следново – ако сме толку експедитивни во воведување на најновото во доменот на модернизирање на финансискиот систем, зошто ни треба олку долго време да го модернизираме законот за Платежни инструменти? Ако толку се брзаме да се усогласиме со директивите на ЕУ за спречување на употребата на финансискиот систем за целите на перење пари, зошто не се усогласиме со PSD2 директивата на ЕУ со која на деловните банки ќе им се наложат да ги отворат своите кориснички датабази.

Второ – како што реков погоре, најголем дел од предлог законот е буквален препис на препораките на FATF. Читајќи го не почуствував ни за момент дека предлог законот се базира на реална процена на ситуацијата и можностите околу крипто валутите, конкретно во Македонија.

Трето – Предложената регулатива на база на ФАТФ “препораките”се врзува со мотивацијата да се спречи употребата на крипто во перење пари и реализирање на криминал. Иако е пресметано дека FATF препораките имаат помалку од 1% удел во елимирање на криминал.

Четврто – Би ја разбирал потребата од оваа регулатива доколку кај нас веќе имавме некоја од светските менувачници. Ова не е случај. Просечниот крипто инвеститор мака мачи ко мало дете да дојде до крипто распрашувајќи се дали оваа или онаа менувачница прифаќа картички од НЛБ банка. Чиста патетика. Но и покрај тоа ние ќе регулираме, небаре Binance, Kucoin, Coinbase и останати растураат кај нас. Или можеби се надеваат дека сега кога ќе има почиста регулатива и инструкции, повеќе крипто менувачници би почнале бизнис кај нас?

Петто – NFTs (Non-fungible tokens) не се опфатени во дефиницијата на FATF за виртуелни средства колку што знам. Следствено на тоа не ги гледам спомнати ни во нашиот предлог-закон. Среќна и поволна околност?

Шесто – оваа регулатива ќе нуди одлични можности за вработување за блокчеин аналитичари. Може уште сега ќе сакаш да земеш некој од курсевите на Chainanalysis.

Да се разбереме – во глобала, нацрт законот изгледа како пријателски следен чекор и тоа не го оспорувам. Самиот Трендафилов потенцира дека целта не е да се забранат туку да се регулираат крипто средствата како што тој ги нарекува. Се разбира дека следниот чекор ќе биде регулатива во однос на даночењето на приноси од крипто средства и се разбира дека државата ќе сака да посегне по тој дел од законот.

Oна што е жално е што нацрт мерките се механички, дефинирани од работна група составена од исклучиво владини институции а повеќе од јасно е дека приватниот сектор нема учествувано со свој инпут и дообјаснување каде вистински лежи потенцијалот на оваа иновација. Се сомневам дека и сега имало суштински интерес за оваа тематика освен за да не се надмаши рокот за воведување на ваков тип регулатива наметнат од ФАТФ.