Статистика ги потврди поскапувањата

За дури 10,8 проценти пораснале цените на маслото и маснотиите за еден месец објави денеска Државниот завод за статистика. Зеленчукот и компирите во април биле поскапи за 7,2 отсто во однос на март, а овошјето поскапело за 5,3 отсто. Според податоците на Државниот завод за статистика, на месечно ниво вкупните трошоци за животот се зголемиле за 0,7 проценти, а  цените на мало за 0,6 проценти. Сепак за една година, се поскапело за 2,7 проценти колку што е растот на трошоците за живот (толкава е и инфлацијата впрочем), а цените на мало се зголемиле во последната година за  дури 3,7 проценти.

Во април, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 15,6 проценти, обувките за 1,9 отсто, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,1 проценти.

Намалување на индексите на трошоците на животот во април 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук.