Во 2023 и 2024 година се зголемува употребата на платежните картички од страна на граѓаните за извршување на плаќањата во трговијата во земјата, што се согледува преку засилениот годишен раст на бројот и вредноста на плаќањата при што за 18 проценти е зголемен бројот на трансакции, а за 17 проценти е зголемена вредноста на трансакциите. Годишен раст забележуваат и бројот и вредноста на плаќањата на граѓаните со кредитни трансфери (т.н. платни налози) и тоа за 5 отсто расте бројот на трансакции, а за 12 отсто вредноста на трансакциите, информираат од Народната банка (НБ).
Според нив, дигитализацијата предизвикува постојана промена во навиките на граѓаните при извршувањето на плаќањата, па тие се почесто ги користат современите канали на плаќањата.
-Иако плаќањата со кредитни трансфери се уште најмногу се вршат на шалтерите на банките дури 71 отсто, податоците за изминатата година ја потврдуваат и се почестата употреба на дигиталните канали, со годишен раст од 16 отсто кај бројот и 19 отсто кај вредноста на плаќањата иницирани електронски. Притоа, граѓаните се почесто ги употребуваат мобилните апликации за извршување на плаќањата коишто забележаа раст од 22 отсто кај бројот и 30 отсто кај вредноста, велат од НБ.
Нагласуваат дека граѓаните можеа на удобен и сигурен начин да ги извршуваат плаќањата во земјата, имајќи предвид дека на крајот од 2023 година во оптек беа 1,9 милиони платежни картички, од коишто 76 отсто се засновани на бесконтактна технологија.
-Инфраструктурата за прифаќање плаќања со платежни картички, пак, брои 32.198 уреди на физичките места на продажба, кај 15.804 трговци во земјата, од кои дури 95 отсто ја поддржуваат бесконтактната технологија. Бројот на картички со бесконтактна технологија и уредите на физичките места на продажба коишто ја поддржуваат оваа технологија забележа годишен раст од 0,5 отсто во споредба со 2022 година, односно 18 отсто. Годишен раст од 6 отсто во однос на 2022 година е забележан и кај бројот на трговците коишто прифаќаат платежни картички при продажба на стоки и услуги на физичките места на продажба во земјата, посочуваат од НБ.
Како што велат, за извршувањето на плаќањата со прифаќање на платежните картички, според најновите податоци за 2023 година, трговците плаќале просечен надоместок во висина од 1,12 отсто од вредноста на прометот, што е помалку за 0,01 процентен поен во споредба со 2022 година.
-Најголемо намалување од по 0,08 процентни поени се забележува кај надоместокот за плаќањата за дејноста информатичка технологија и бела техника и услугите на државните институции и на бензинските станици каде има намалување за 0,06 процентни поени, потенцираат од Народна банка.