Станбените кредити за една година се зголемиле за 15,4 отсто. Народната банка ги објави најновите податоци за кредитната задолженост на граѓаните кои се однесуваат на месец април. Заклучно со тој месец граѓаните должат за станбени кредити 672 милиони евра. Растот кај станбените кредити е најголем меѓу сите други кредити кои банките им ги одобруваат на граѓаните. За 11 отсто на годишно ниво, пак пораснале потрошувачките кредити, додека пад е регистриран само кај кредитните картички. По основ на потрошувачки кредити граѓаните на банките во април годинава им должат дури 1,2 милијарди евра.
„Анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во април кај најзастапената категорија ‒ потрошувачките и станбените кредити, има месечн раст. Автомобилските кредити забележаа месечно намалување од 0,7 проценти а годишниот раст е 0,6 отсто, додека кредитите одобрени на кредитни картички остварија минимално зголемување од 0,1 процент во услови на годишен пад од 1 отсто. Овој месец, кај негативните салда на тековните сметки е евидентирана нагорна месечна и годишна промена, велат од Народната банка.
Инаку во април годинава вкупните кредити на банките изнесуваат 4,8 милијарди евра и се за 5,8 проценти повисоки од истиот месец лани.
Извор: Фактор