Социјалната помош да се зголемува со порастот на инфлацијата. Кога трошоците за живот од месец во месец се се повиски, не може на најранливите да им се даваат трошки. За да излезат овие лица од сиромаштија, треба да им се даде барем минималната плата. Ова е главната порака од анализата на ефектите од социјалната реформа од 2019-та. Истата покажува дека променетиот пристап и начин на исплата ги дал посакуваните ефекти, иако поради ковид-кризата и инфлацијата, бројот на сиромашни не се намалил драстично.

– Социјалните давачки растат многу помалку отколку минималната плата или пензиите. Бидејќи инфлацијата дојде многу брзо, а социјалната помош не беше врзана за реален показател, предлагаме да биде врзана со инфлацијата. И добро е што е е концентрирана, а не како порано, дај му 500 денари за ова, па 700 за ова. Дај му гарантирана помош, а не на лажиче – изјави Ванчо Узунов, универзитетски професор.

Реформата тројно го зголеми бројот на лица корисници на социјална помош, но бројот на сиромашни паднал за 1 до 2 отсто. Затоа се предлага, наместо популистички мерки – како на додатокот за трето дете, парите да се наменат за децата од загрозените семејства.

– Ако вие немате пари барем за еден топол оброк дневно, значи дека помошта треба да се зголеми, вели Пол Сатбс, автор на Анализата

Авторите на анализата предлагаат и да не се прекинува социјалната помош, ако примателите почнат да работат. Во моментов, најголем дел од лицата, за да не ја изгубат помошта од 6, 7 илјади денари месечно,  работат на црно. На ваков начин покрај тоа што се стимулира сивата економија, надлежните немаат точна бројка дали и кога овие лица ќе излезат од прагот на сиромаштија.