Во Собранието стигнаа два закона за задолжување за да се доврши пругата кон Бугарија. Едниот е за заем од Европската инвестициона банка (ЕИБ), а другиот е за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Од двете институции ќе се задолжиме под 175 милиони евра.

„Основната цел е целосно завршување на источниот дел од железничкиот Коридор 8, преку реализација на третата и последна делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија“, пишува во образложението на законите.

Условите под кои Македонија ќе го користи заемот од ЕИБ предвидуваат најмногу 12 транши, со минимален износ на повлекување од 5.000.000 евра. Каматата ќе се одредува дополнително – одделно за секоја транша од заемот, на денот кога ќе се доставуваат барањата за повлекување пари, „во зависност од тоа која каматна стапка е поповолна за Република Северна Македонија (фиксна или варијабилна)“.

Покрај овие две задолжувања, има и други за кои предлог-законите стигнале во Собранието.

Од Кредитната банка за обнова (КфВ) Македонија ќе позајми 90 милиони евра, износ што ќе го повлече во една транша. Рокот за отплата е 12 години и пет месеци, со вклучен грејс-период од три години. Каматната стапка засега не е позната, односно ќе се утврдува „за траншата од заемот при нејзино повлекување“. Тогаш ќе се пресмета пондерирана просечна каматна стапка, која ќе се применува на повлечениот износ.

„Целта на обезбедувањето на заемот од КфВ е да ѝ помогне на земјата да има одржлива надворешна финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи“, се наведува во образложението на предлогот.