Невработеноста во Велика Британија се зголеми за прв пат за две години. Таа е зголемена од 4,3% до 4,4% во трите месеци до крајот на декември, објави Националната статистичка служба на Велика Британија (ONS), цитирана од „ВВС“.

Во четвртиот квартал од минатата година, бројот на невработените е зголемен за 46.000 до 1,47 милиони лица во споредба со претходните три месеци.

Во исто време платите и продуктивноста на вработените во Велика Британија се зголемија во четвртиот квартал, бидејќи помалку странци учествувале на пазарот на труд, пишува „Bloomberg“.

Просечната неделна плата без бонусите се зголеми за 2,5% во однос на истиот период од претходната година, што е најголем пораст од декември 2016-та година, покажуваат податоците на британската статистика.

Растот на платите во Велика Британија, сепак се уште е побавен од темпото на инфлација, која се наоѓа на 3%. Платите во приватниот сектор се зголемија на 2,6% во споредба со 2,5% во третиот квартал од минатата година.

Британската централна банка прогнозира дека невработеноста ќе достигне просек од 4,2% во наредните квартали, под прагот од 4,25%, кој според властите економијата може да ја поддржува, без да генерира инфлациски притисок.

Прогнозите за невработеноста зависат од тоа дали зголемување на платата е во комбинација со подобрување на продуктивноста, а последните податоци покажуваат некои позитивни сигнали. Производството на час се зголемило за 0,8% во четвртиот квартал по зголемувањето од 0,9% во претходните три квартали, што беше највисоко ниво од пред шест години.

Се очекува утре да биде потврдено дека британската економија порасна за 0,5% во четвртиот квартал од 2017-та година.