За секое евро исплатено од државата, компаниите во технолошко-индустриските развојни зони назад во Буџетот враќаат најмалку четири евра. Кај нив е забележлив растот на приходите и добивката, чиј нето износ лани бил за 10 проценти повисок во однос на 2021 година. Зголемени се и приливите во државната каса, при што од придонесите за плати уплатите се повисоки за 35 насто, покажуваат податоците од годишната анализа на ТИРЗ, направена врз основа на работењето на 40 компании.

Позитивни движења има и во делот на новите работни места. Минатиот месец се евидентирани 16.700 вработени, што претставува раст од 15 проценти споредено со истиот месец лани, а 20 насто над забележаниот број во април преклани. Конкретно, месечната анализа вели дека само од почетокот на годинава во компаниите што се во рамките на ТИРЗ биле реализирани 500 вработувања.

Трендот на вработување е присутен во континуитет, а лани растот бил 17 насто, па оттука и поголемите уплати на име придонеси за плати – во Буџетот се слеале повеќе од 750 милиони денари во однос на 2021 година. Освен тоа, забележана е и засилена динамика кај растот на платите од најмалку 13 проценти.

Расте и извозот. Нивото достигнато на крајот од минатиот месец е 1.230 милијарди евра. Или, 277 милиони евра само во април, кога сумата е за 12 насто поголема од истиот месец лани. Увозот, пак, се брои со над милијарда евра, а овој одаток се однесува за периодот јануари – април. Во четвртиот месец од годинава увозот, според вредноста од 250 милиони евра, бил иденичен како и во април 2022.