Македонските граѓани наплатиле 4,6 милиони евра за шест месеци од животно осигурување. Истовремено, во полиси за осигурување живот граѓани и компании за нивни вработени вложиле 14,8 милиони евра или 9,6 отсто повеќе од истиот период 2020 година, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување.

Според податоците на Агенцијата, пет осигурителни компании исплатиле 281,3 милиони денари за осигурување живот на свои осигуреници во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период лани исплатените износи за осигурување живот кои осигуреници ги наплатиле, се зголемени за 42 отсто, односно 1,36 милиони евра.

Најголемо учество во вкупната исплата имаат полиси за животно осигурување кај кои осигуреникот добива и дел од приносот (камата) на вложените средства. По тој основ во првото полугодие годинаа се исплатени 245,9 милиони денари.
Значајно за истакнување е тоа што во овој период компаниите исплатиле 86,77 милиони денари на осигуреници кои одлучиле пред истек на договорениот рок за осигурување да ги повлечат своите вложени пари (таканаречен „откуп на полиса“).

Во споредба со истиот период лани овој износ годинава е повисок за 36 отсто. Откупот на полиси во пракса може често да се случи доколку осигуреникот добие подобри услови за вложување во некоја од конкурентските компании за осигурување живот.