Македонија го заврши првиот квартал од годинава со значително повисок надворешен долг. За само три месеци обврските кон странство се зголемиле за 742 милиони евра, при што најголемиот дел од растот доаѓа од државното задолжување поврзано со новата еврообврзница.

Според најновите податоци на Народната банка, на крајот на март годинава бруто надворешниот долг достигнал 12,94 милијарди евра, што претставува 70,5 проценти од проектираниот бруто-домашен производ за 2026 година. Во споредба со крајот на 2025 година, долгот е повисок за 6,1 проценти или за 741,5 милиони евра.

Најголем придонес во растот има јавниот сектор. Јавниот надворешен долг се зголемил за 461,4 милиони евра и достигнал 5,9 милијарди евра. Главната причина е издавањето на новата еврообврзница во вредност од една милијарда евра, при што истовремено бил предвреме откупен дел од претходната еврообврзница во износ од 384 милиони евра.

Истовремено, и приватниот сектор го зголемил своето задолжување кон странство. Приватниот надворешен долг пораснал за 280,1 милион евра и достигнал 7,04 милијарди евра. Најголем дел од овој раст произлегува од задолжувањето меѓу капитално поврзани компании, но и од зголемените обврски на банките и останатите приватни компании.

Од друга страна, растеле и побарувањата на македонските субјекти од странство. Бруто надворешните побарувања на крајот од март изнесувале 8,14 милијарди евра, што е за 523,1 милион евра повеќе во однос на крајот на минатата година. Тоа претставува раст од 6,9 проценти.

Сепак, бидејќи долгот растел побрзо од побарувањата, нето надворешниот долг е дополнително зголемен. На крајот на март тој достигнал 4,8 милијарди евра или 26,2 проценти од проектираниот БДП, што е за 218,5 милиони евра повеќе отколку на крајот од 2025 година.