За влакно избегната трговска војна со Србија. Македонското министерство за земјоделство направи отстапки за Србија да не ни ги воведе најавените контрамерки.

Македонското министерство за земјоделство направи отстапки за Србија да не ни ги воведе најавените контрамерки. Компромисот е контролните маркички  на брашното на пакувањата од 1,2 и 5 килограми да се лепат уште во Србија пред да поминат граница, додека за количините од 25 и 50 килограми да се лепат во земјава по завршување на сите потребни процедури. Министерот Николовски вели дека спорниот Правилник за брашното ќе биде изменет уште денеска. Во наредниот еден месец двете страни имаат рок да ги испеглаат разликите, а меѓу другото се размислува и за целосно укинување на спорните маркици.

Српскиот министер за трговија Љаиќ не прецизираше дали Србија направила отстапки од своја страна. Рече дека ова е знак на политичка волја за решавање на економските проблеми меѓу двете земји. Потенцираше дека двете земји треба да направат се за да ги укинат нецаринските бариери што ја попречуваат трговијата. Плановите се трговската размена да се зголеми од сегашните 700 милиони на една милијарда евра.
„За жал, земјите од Западен Балкан се многу креативни кога станува збор за воведување разни видови нецарински бариери, мислејќи дека со нив ќе ги поттикнат своите економии. Тоа е погрешно, бидејќи ,малите економии можат да се развиваат само ако се целосно отворени. Треба да се залагаме за минимално чекање на границите. Годишното чекање на границите на земјите од Западен Балкан е 28 милиони часови и тоа чини 800 милиони долари годишно“ – рече Расим Љаиќ, министер за трговија на Србија.
Македонија има проблем и со нелегален увоз на брашно. Анализите покажале дека 25 илјади тони брашно влегле во земјава без контролни маркички во изминатите 3 години. И за тоа ќе се разговара на состаноците на Комитетот. Николовски ги искара и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство. Не си ја вршеле добро работата.
„Клучниот проблем во Македонија последните 11 години е нефункционирањето на институциите, на Инспекторатот, на АХВ и неработењето по процедурите и соодветните протоколи. Токму и еден од заклучоците на состанокот беше воведување засилена интегрирана контрола која треба да ја изградиме и да функционира“ – рече министерот за земјоделство Љупчо Николовски.
Проблемот со увозот на брашно настана кога српските мелничари се побунија, откако на 8 февруари стапи на сила  Правилникот што предвидува контролните маркици на увезеното брашно да се лепат во Македонија по сите извршени анализи. Праксата порано беше тие да се лепат уште на српска територија.