Платежната агенција годинва ќе располага со буџет од 6.14 милијарди денари од кои околу 5,6 милијарди се наменети за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Предвидена е и нова мерка за помош на малите бизниси со која може да добијат најмногу до 10 000 евра.

Овие средства ќе се користат за реализирање на Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој во која се наоѓаат мерки како што се „Млад земјоделец“ и за прв пат годинава новата „Рурална жена“ со која износот на поддршката за жените носители на земјоделски стопанства двојно се зголемува и наместо 180 ќе изнесува 360.000 денари.

За современата рурална инфраструктура во буџетот за 2022 година се издвоени средства во износ од 500 милиони денари. Овие пари се наменети за проекти за локалната патна инфраструктура, водоснабнителни системи, опрема за детски, младински или пензионерски културни центри, означување на културни и природни знаменитости, како и за обележување и унапредување на планинарски и велосипедски патеки и проекти значајни за локалниот развој.

И во Програмата за финансирање на земјоделските микрокомпании за 2022 година е подготвена уште една мерка која за прв пат ќе треба да почне да се реализира.

Обезбедени се средстава за „start – up“ на мали бизниси за земјоделци кои имаат семејни стопанства, без разлика дали се физички или правни лица. За „start – up“ идеите се предвидени грантови до 10.000 евра.