Вкупно 29 мерки, во вредност од 9,7 милијарди денари или околу 160 милиони евра содржи петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за компаниите утврден на денешната владина седница, соопшти денеска премиерот Зоран Заев.

-Овој пакет директно се надоврзува на претходните четири, а има за цел да ја придвижи економијата кон нам познатите стапки на економски раст во распон од 4 до 5 проценти, односно на динамиката на раст од  пред пандемијата. Кај повеќето мерки, поддршката ќе се користи до крајот на 2021 година со цел да имаат влијание и ефект врз економијата во текот на целата година, информира Заев.

Тој рече дека мерките вклучени во петтиот пакет го заокружуваат процесот на директна поддршка. По тоа се очекува преминување во фаза на излез и закрепнување од економската криза предизвикана од пандемијата.

-Тоа значи дека доаѓаме повторно во време на стабилност и развој, состојба која со овие мерки дополнително ќе се стимулира. Со кредити со ниски каматни стапки и преку системски мерки согласно планот за раст на среден и долг рок, ќе биде поддржана економијата во целина. Очекуваме посериозни стапки на раст на БДП од вториот квартал на 2021 година, нагласи Заев.

Првата мерка е финансиска поддршка на плати за вработените во висина од 1 милијарда и деветстотини и дваесет милиони денари за месеците февруари и март 2021 година со опфат од околу 60.000 работници месечно.

-Ќе им бидат избришани каматите на долговите на граѓаните кон државните институции и јавните претпријатија. Оваа мерка не е обесхрабрување за граѓаните кои редовно си плаќаат сметки, туку искажување солидарност кон по сиромашните и ги повика и приватните компании да се откажат од каматите на долговите, рече Заев.

Со мерките се предвидени кредити со нула отсто камата за секторите туризам, угостителство, транспорт, занаетчиство и за приватните здравствени ординации. Помош ќе има и за радијата и телевизиите, со тоа што ќе бидат ослободени од плаќање на концесијата за 2021 година.

Ќе се дава и финансиска поддршка од 3.000 до 10.000 евра за компании кои имаат пад на приходите во 2020 за повеќе од 50 проценти споредено со 2019 година. Ќе се реализира скалесто во зависност од падот на приходите од 50 отсто па нагоре и е предвидена за регистрирани компании кои вршат транспорт на патници. Износот за реализација на оваа мерка е 40 милиони денари за околу 200 корисници. Операторите за организација на настани за реализација на проекти од исклучителен јавен и државен интерес ќе добијат помош од 61 милион денари.