Определеноста кон значителен напредок на стратешки важните проекти за државава, како што се следната фаза на патното регионално поврзување во рамките на проектот Коридор 8 и проектот Интерконективен гасовод Северна Македонија – Грција, како и вложувањата во здравствениот сектор, во делот на зелената агенда и енергетската ефикасност, водоснабдувањето, беа тема на разговор на денешната средба меѓу премиерот Зоран Заев со заменик-претседателката на Европската инвестициска банка, Лилјана Павлова и со секторски претставници на ЕИБ, на која присуствуваше и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

-Посветени сме силно на европската агенда. Унапредувањето на регионалната инфраструктура значи можност за подобро инфраструктурно поврзување на нашата држава со регионот, но и меѓу државите во регионот, што значително влијае и на унапредувањето на политичката соработка. Подеднакво важна е и поддршката што ја добиваме во делот на унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните дома, рече премиерот Заев и се заблагодари за досегашната успешна соработка.

Министерот Бесими посочи на важноста од поддршка во делот на Планот за развој на економијата во нашата држава.

Премиерот Заев и министерот Бесими, посочуваат од владината прес-служба, нагласија дека Владата фокусирано работи на овозможувањето услови за функционирање на граѓаните на државата во време на пандемијата, но презема чекори и за постпериодот со цел поефикасно заздравување и развој на економијата и дека во тие процеси многу значи соработката со ЕИБ.

На средбата е изразена подготвеност за натамошна поддршка на нашата држава од страна на Европската инвестициска банка, во делот на значајните стратешки и домашни проекти. Констатирано е дека досегашната соработка е само почеток на експанзивната соработка помеѓу нашата држава и ЕИБ.

Разгледани се можности за поддршка на проекти во здравствениот сектор, за дигитализација на училиштата, во делот на зајакнувањето на институционалните капацитети и засилувањето на ефикасноста на имплементацијата на започнатите проекти, во реализацијата на Планот за економски раст. Станува збор за области каде што ЕИБ е веќе вклучена со поддршка или може да се вклучи, преку усогласување со поддршката што ќе ја добие нашата држава во рамките на Економскиот и инвестициски план за Западен Балкан, од Европската комисија.