Предлог Законот за финансиска поддршка на инвестициите утре ќе се разгледува на собраниската комисија за економски прашања.

„Со Законот се овозможува примена на мерките од првиот и вториот столб од Планот за економски раст, усвоен од Владата во декември 2017 година. Планот за економски раст е креиран во соработка со Стопанските комори, академската заедница и невладиниот сектор, се организираа повеќе активности и јавни трибини на кои се дискутираше за мерките од планот, а Законот со кој се планира да се имплементират мерките беше јавно достапен на увид на целата јавност и преку Единствениот електронскиот национален регистар на прописи (ЕНЕР)“, соопшти Кабинетот на вицепремиерот за економија.

Овој предлог закон овозможува државна финансиска поддршка за нови инвестиции и нови подобро платени работни мести, технолошки развој и внесување на иновации на компаниите, со што ќе се зголеми конкурентноста на македонските компании, а целта е да се зголеми извозот и да се постигнат повисоки стапики на економски раст на македонската економија.