Охридските дуќанџии се противат на законот за недела како ден за одмор. Стравуваат дека ќе им предизвика штета, бидејќи во Охрид како туристички центар, отсекогаш чаршијата функционирала во недела и тогаш го прават најголемиот дел од профитот. Дуќанџиите предупредуваат дека доколку нивните барања не се прифатат ќе мора да отпуштат дел од вработените.
Законот за недела-неработен ден е бесмислен и ќе им нанесе огромни штети на дуќанџиите во Охрид и воопшто на целиот туристички сектор. Ова на денешната прес- конференција го истакнаа членовите на Здружението „Чаршиски еснаф“ кои велат дека Охрид е специфичен град во кој тие остваруваат промет најмногу во текот на летната сезона и во текот на викендите. За разлика од другите градови овде секогаш се работело во недела, а во текот на летото некои дуќани се отворени до полноќ или 1 часот наутро.
„Доста сме разочарани од пратениците од сите пратенички групи. Јас не знам кога се носеше овој закон луѓето на кое уво спиеја и не размислуваа дека Охрид ќе ги трпи најголемите штети ако не се работи во недела. Значи исто така сакам да потенцирам дека никогаш не се работело за тоа дека ние не сакаме да ги платиме вработиме. Тие и досега во однос на сите законски акти сите беа платени, си имаа слободен ден“, изјави Маја Бакалова, Здружение „Чаршиски еснаф“.
Наредниот празничен викенд дуќанџиите планираат да работат за што ќе ги информираат надлежните и ќе побараат подршка од општинските советници и градоначалникот за да се изземе Охрид од овој закон.
„Ако нас не ни е дозволено да работиме прво што ќе направиме за да опстанеме минимум, пак потенцирам минимум на пола би ги намалиле вработените, кој како технолошки вишок ќе си оди, кој како социјален случај, тоа е сѐ на товар на државата“, изјави Соња Јосифоска, Здружение „Чаршиски еснаф“.
Вечерва во 20 часот и 30 минути околу 150 дуќанџии во охридската чаршија најавија дека ќе ги изгаснат светлата во своите објекти за да можат надлежните да видат како Охрид како туристички центар би изгледал во недела сега и во текот на летната сезона.