Занаетчиите да бидат опфатени во петтиот антикризен пакет, бара Занаетчиската комора. Предлагаат да продолжи мерката за минимална плата која се движи од 17.410 денари, и да добијат еднократна парична помош. Укажуваат дека се работи за опстанок на занаетчиството, бидејќи работат со ограничувања поради пандемијата, производите не се продаваат, а муштерии, велат, нема…

Да продолжи мерката за минималната плата која се движи од 17.410 денари, но и занаетчиите да добијат еднократна парична помош, за да ги покријат oстанатите давачки, бара Занаетчиската комора. Од таму сметаат дека е неопходно занаетчиите да бидат опфатени во петтиот антикризен пакет, со цел да ги надминат последиците од корона-кризата.

„Ние сме загрижени бидејќи малку доцнат мерките, бидејќи занаетчиите се при крај и секогаш ќе гледаме да им излеземе во пресрет бидејќи имаат потреба. Немаат пазар, во тешка состојба се и самата минимална плата ги држеше во живот. Сега гледаме дека 5-от пакет на мерките ќе се донесе следните денови и затоа апелирам до Владата и до сите институции кои се занимаваат и ги прават овие мерки, да ги земат превид нашите мерки“, вели Агрон Фазли, претседател на Занаетчиска комора.

Од комората се надеваат дека ќе бидат прифатени нивните барања, бидејќи се работи за опстанокот на занаетчиството во државата.

„Пандемијата го направи своето ние се соочуваме со тешка криза, платите што беа дадени како најпогодена мерка занаетчиите треба да траат, бидејќи според нашите видувања ќе се соочиме допрва со кризата, нема производите кој да ги купува, нема муштерии, занаетчитте како кетеринг, фризерите, салоните за убавина, шивачките салони и други немаат работа поради ограничувањата“, истакна претседателот на Занаетчиската комора.

Занаетчиската комора ги претставува 15-те регионални канцелариите на територијата на државата.