Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка, РСС, Мајлинда Брегу, во авторскиот текст на сајтот на РСС, наведува дека Западен Балкан вложува помалку од еден отсто од БДП за иновации и истражувања како и дека само 30 до 40 отсто од деловните субјекти се занимаваат со иновации, но повеќето од нив се финансираат самостојно, без никаква поддршка од јавниот сектор.

Брегу наведува дека инвестирањето во иновации ќе ги забрза реформите и ќе го поттикне развојот на регионите а истовремено ќе создаде услови и можности за спречување на се поголемиот одлив на квалификувана работна сила. Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, и Србија, пишува Брегу, се меѓу првите десет земји во светот според одливот на квалификувана работна сила во 2018 година. Во последните пет години 5,7 милиони луѓе мигрирале и го напупштиле Западен Балкан, што е една третина од населението.

Брегу во текстот наведува дека иновациите се начин Западен Балкан да ја поттикне економијата и растот со тоа што ќе им помогне на компаниите да произведуваат повеќе, со помалку трошоци, или да имаат подобри  резултати со истите средства.

„Иновациите побрзо се шират на заеднички пазар и носат поголема конкуреност на глобалниот пазар. Тие ја зголемуваат способноста на државата, на одржлив и ефикасен начин да ги решава заедничките проблеми, најчесто со примената на новата технологија“, наведува Брегу и додава дека технологијата од ден на ден ја обликува светската економија и дека иновациите се основа на конкурентноста.