Кинескиот подем е една од најневеројатните приказни во историјата, вели во интервју за ДВ британскиот автор Мартин Жак, кој пред десет години го предвиде растот на Кина. Тој тврди дека Западот не разбира што се случува.

Мартин Жак пред десет години на многумина им оставаше впечаток на ексцентрик гладен за внимание. Овој британски новинар и научник со својот бестселер „Кога Кина ќе владее со светот“ уште во 2009 година го предвиде кинескиот подем, тврдејќи дека оваа земја до 2027 година ќе прерасне во најголема економија и ќе ги надмине САД.

Книгата е продадена во 400.000 примероци, но многумина не беа убедени од аргументацијата на Жак. Тој пишува дека кинескиот систем на управување, во кој одлуките се носат на врвот и се спроведуваат без демократски процедури, всушност е супериорен во однос на западните либерални демократии.

Жак, кој работи на Универзитетот Кембриџ, во време на издавањето на книгата одеше спротивно на струјата. Пишуваше дека Кина нема да се угледа на Западот, како што мислат многумина, туку ќе се обиде да го обликува светот според своите потреби.

„Во Пекинг владее самодоверба“

Судбината на кинеската економија е поврзана со судбината на глобалната економија“,  вели Жак на почетокот на разговорот со Дојче веле, одговарајќи на прашањето што значи кинескиот економски пораст од 6,6 проценти ланската година, што е најниска стапка од 1990. година.

„Кинескиот економски пораст и натаму е втор по големина во светот, по Индија, но Кина е трипати поголема економија“, дополнува британскиот автор.

Тој не го дели мислењето дека острата политика на Пекинг кон Хонгконг и Тајван е реакција на нешто помалиот раст од оној кој го посакува комунистичката власт. „Очигледно, трговската војна со САД не е лесна ниту за Кина.  Но, во Пекинг владее самодоверба. Кризата е присутна на Запад, не во Кина. Би требало работите кои таму се случуваат да ги гледаме со малку понизност. Ние ја оплескавме работата, не тие.“

„САД ќе бидат губитникот“

Како пример, Мартин Жак ги наведува американските обиди за спречување на кинескиот телекомуникациски концерн  Хуавеи да учествува на западните пазари. Оваа компанија е обвинета за шпионажа, но според Жак, станува збор за реакција на САД на силната  конкуренција.

„Америка мора да се реши да се отвори за кинескиот технолошки прогрес, наместо да го следи воинствениот пристап од страна на американскиот претседател Доналд Трамп“, истакнува Жак.

„Ако продолжат на овој начин, на крајот САД ќе бидат голем губитник.“

„САД мора да се помират со фактот дека можеби ќе треба да ја делат глобалната лидерска позиција. Изгледа дека им е во гените да се спротивставуваат на тоа. Но, тоа е кратковидо и глупаво“, заклучува Жак.

Тој е убеден дека Западот има заостанато сфаќање во поглед на Кина, дека ја посматра како туѓ систем, наместо како „голема цивилизација“. „Кинеската трансформација е една од најневеројатните досегашни приказни на човештвото и што побргу го сфатиме тоа, толку подобро. Ако не сфатиме, тогаш пукаме во сопствената нога“, заклучува Жак во интервјуто за Дојче веле.

 

Извор: DW