Во Свети Николе и Битола министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски, започна со доделување на картичките за зелена нафта. За оваа мерка се обезбедени 9,5 милиони евра, а издадени се вкупно 48.039 картички. Од нив, 3.858 се наменети за земјоделците од Битола, Новаци и Могила. На средбата министерот најави и исплата на заостанатите субвенции за пчеларите до крајот на месецов.

Во пресрет на есенската подготовка на обработливите површини, денеска во Битола започна доделувањето на картичките за зелена нафта. Со нив земјоделците добиваат финансиска поддршка за набавка на гориво за земјоделската механизација, со цел намалување на производствените трошоци.

Картичките се наменети за регистрираните земјоделски стопанства, а висината на финансиската поддршка зависи од земјоделските површини и културите што ги одгледуваат.

Мерката се спроведува преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година. Министерот најави навремена распределба на сите 48.039 картички за зелена нафта.

За оваа мерка се обезбедени 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра, што претставува зголемување од 12,3 проценти во однос на претходната година.

На настанот министерот најави и исплата на заостанатите субвенции за пчеларите до крајот на овој месец.