Официјално почна спроведувањето на Програмата за управување, користење и заштита на подземните води во Македонија, што ќе ја имплементира Министерството за животна средина и просторно планирање во соработката со Владата на Швајцарија. Целокупната стратегија на Програмата се заснова на принципите на современи концепти и пристапи за управување со подземните води, кои се фокусираат на ефикасно спроведување и одржливо користење на ресурсите. Целта на програмата е да ја поддржи земјава во воспоставувањето на долгорочно, повеќестепено и системско управување со подземните води, што ќе овозможи заедничко, ефективно и транспарентно управување со подземните водни ресурси.

– Програмата има за цел да ги зајакне релевантните власти и граѓанското општество за имплементација на одредбите на една интегрирана рамка, кохерентна со барањата на правото на ЕУ за животната средина и со цел одржливо управување со подземните водни ресурси во услови на променлива клима. Програмата, исто така, ќе придонесе во процесот на пристапување во ЕУ и на Агендата за одржлив развој. Во наредните години, Програмата ќе помогне да се создаде поволна средина за трансформација на управувањето со подземните води во Македонија преку зајакнување на капацитетите на релевантните власти и засегнатите страни на централно и локално ниво за управување со подземните води на заеднички, ефикасен, ефективен и потранспарентен начин, поддршка за креирање на погодна и правна регулаторна рамка со јасно дефинирани улоги и одговорности на релевантните страни и обезбедување на инструменти за подобрување на перформансот и адекватната распределба на финансиски и човечки ресурси и подигнување на јавната свест и ангажирање на граѓанското општество во дијалог и соодветни активности со релевантните органи за прашања поврзани со управувањето со подземните води, истакнаа претставници од МЖСПП на денешниот настан, со кој се означи започнувањето на проектот.

Тие посочија дека за да може да се постигне амбициозната агенда, Програмата се потпира на поддршката од разни експерти , вклучувајќи „peer-to-peer“ совети насочени кон клучните институции задолжени за управување со подземните води, и целокупната извонредност на нејзините клучни партнери во планирањето на управувањето со речните сливови, системот за информации и мониторинг на водите, како и развој на организациски вештини и на граѓанското општество.

– Свесни за предизвиците, сложеноста и неизвесностите поврзани со таквиот процес на трансформација, Програмата е дизајнирана како долгорочна програма, со очекувано времетраење од 11 години, која го поддржува воспоставувањето на заедничко, ефективно, транспарентно и одржливо управување со подземните водни ресурси преку зајакнување на релевантните органи и граѓанското општество во спроведувањето на одредбите на интегрирана рамка за кохерентно управување со подземните води во согласност со барањата на правото на ЕУ за животна средина, истакнаа од МЖСПП.

На настанот беше образложено дека почетната фаза од 12 месеци ќе служи за извршување на суштински анализи и ажурирани проценки со цел приоретизација на клучните интервенции, во тесна соработка со широк опсег на национални чинители и Швајцарската амбасада.

– За време на почетниот процес ќе се спроведат сеопфатни активности за собирање на бројни податоци, со цел процена на ефектот на тековните политики и минатите и тековните проекти, притоа најдобро искористувајќи ги досегашните достигнувања и помагајќи да се подобрат позитивните ефекти од претходната работа. Почетната фаза ќе се користи за подготвителна работа и подготовка за имплементација на Фаза 1 од Проектот. Подлабока анализа ќе се спроведе заедно со клучните засегнати страни со цел мапирање на сегашните и идните потреби и можности за управување со подземните водни ресурси на Македонија, како и идентификување на краткорочните, среднорочните и долгорочните приоритети, додадоа претставниците на МЖСПП.

Како што наведоа тие, почетната фаза опфаќа проценка на потребите, односно анализа на јазот во однос на зајакнувањето на капацитетите на релевантните министерства, институции и граѓански организации, законски и регулаторни рамки, генерирање податоци и мониторинг на подземните води, можности за образование и вклучување на потенцијални швајцарски академски и јавни партнери, социо-економски аспекти од подобрено управување со подземните води и пилот мерки во селектирани речни сливови.

– Овие анализи дополнително ќе се користат за да се усовршат линиите на интервенција и да се развие програмскиот документ. Во оваа форма, Програмата обезбедува единствена можност за Македонија да усвои пристап за управување со подземните водни ресурси, што ќе помогне да се надминат клучните предизвици и да се создаде поодржлива иднина за нејзината економија и нејзините граѓани. потенцираа од МЖСПП.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова на денешниот настан истакна дека процесот што сега ќе се одвива треба да даде соодветни податоци за тоа какви се подземните води во земјава, да помогнеме во делот на институционално зајакнување за управување со подземните води, како и да се соберат соодветните податоци кои што се потребни како основа за да може истите да се управуваат и заштитуваат.

– Не треба да заборавиме дека подземните води се 99 отсто од слатките води на светот и секако дека им е потребна соодветна заштита. Токму поради тоа што сме свесни какво богатство имаме ние побаравме во рамките на соработката со Владата на Швајцарија да направиме конечно преглед на состојбите со подземните води за да можеме да утврдиме правилен начин на управување со истите. Тие се огромно богатство, градот Скопје впрочем водата за пиење ја обезбедува од подземните води. Утврдивме дека имаме определени недостатоци кои што ни требаат во рамите на обезбедување податоци и управување со водите и тоа ќе го постигнеме со оваа програма, рече Шукова.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава Вероника Улман посочи дека досега имале извонредна соработка со македонската Влада и со МЖСПП во повеќе различни сфери во однос на водата и животната средина.

– Водата за пиење во земјата речиси 100 проценти доаѓа од подземни води и затоа сакаме да им помогнеме на Владата, сакаме да му помогнеме на граѓанското општество во однос на управувањето и заштитата на подземните води, бидејќи како што веќе спомнав природните води се еден од природните ресурси на коишто им треба заштита и соодветно управување. Денеска започнуваме нов проект меѓу Швајцарија и МЖСПП којшто ќе се фокусира на градење на капацитетите на властите, на давателите на услуги и исто така на граѓанското општество што се однесува до управувањето, користењето и заштитата на водите. Програмата ќе трае многу години, денеска само го започнуваме, тука сме за да помогнеме долгорочно, она што е најважно е да делуваме, веднаш, итно со цел да ги заштитиме водите, нагласи Улман.